Вистинската реформа почнува тогаш кога институцијата престанува да зборува сама со себе – и почнува да го слуша народот со отворен ум и јасна намера за промена. Затоа, денес не претставуваме само нова веб-страница, туку создаваме институција што слуша и реагира. Преку алатката „Отворен кабинет“, секој граѓанин може директно да закаже средба со мене, секој петок, без бариери и без бирократија. Лице в лице, човечки разговор – со почит, одговорност и подготвеност за конкретни решенија.
Првите 15 термини веќе се резервирани. Ова е доказ дека граѓаните имаат што да кажат, и конечно имаат каде да бидат слушнати. Јас сум тука да ги слушнам. Оваа иницијатива не е само услуга. Таа е став. Став дека здравството не смее да биде затворен систем, туку жив организам што комуницира, систем што вклучува и реагира навреме.

„Здравство што комуницира, вклучува и реагира“ – не смее да биде само слоган. Тоа е јавна обврска. Обврска што јас како министер ја прифаќам со целосна одговорност – и секојдневно ќе ја исполнувам со работа, отчетност и лично присуство. Ова е мојата визија како министер: Да изградиме здравствен систем што зборува со граѓанинот, делува со интегритет и се води од доверба. Систем што не се води од впечаток, страв или политички притисоци – туку од точни податоци, реална анализа и вистинските потреби на населението. Систем што не се плаши од вистината, не се губи во бирократија и никогаш не го заборава човекот – како причина зашто постои самиот систем, изјави министерот за здравство Алиу.
