Вести Македонија Став Ударни вести

Мицкоски со поддршка од 39 пратеници, за ИО тој нема капацитет да ја води партијата

Сподели:

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието преку соопштение за медиуми достави документ со потписи од 39 пратеници, со кои тие искажуваат став во однос на актуелните случувања на темата „Вонреден конгрес“.

„Пратениците ја даваат својата безрезервна поддршка на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Претседателот на партијата, за да со заедничко и координирано дејствување успееме што поскоро да ја поразиме актуелната власт, која што не е дел од решението, туку е дел од проблемот на македонските граѓани, особено во делот на економијата, здравството и образованието“, се вели во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од најголемата опозициска партија упатија препорака целосно да се почитуваат статутарните одредби, напоменувајќи дека се залагаат да се почитуваат надлежностите на Централниот Комитет, Извршниот Комитет, Конгресот и другите партиски органи, без да се дозволи нивна злоупотреба од страна на било кои поединци или групи.

Наспроти поддршката на Христијан Мицкоски која дојде од 39 пратеници, од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ велат дека актуелниот претседател нема капацитет да ја води партијата.

„Наместо одговори и отчет пред оние кои го избрале, Мицкоски возвраќа со навреди кои се срам за секој чесен член на партијата. Недоличниот вокабулар на Мицкоски и заканите кои ги упатува ги препознаваат и граѓаните и меѓународната заедница. Затоа Мицкоски е изолиран“, велат од Иницијативниот одбор.

Тие велат дека Христијан Мицкоски ги навредува делегатите кои му ја довериле довербата и го избрале за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на последниот партиски конгрес. Тврдат дека Мицкоски е неспособен да ги привлече симпатиите на граѓаните и служи само како спаринг партнер во изборните победи на власта.

Од Иницијативниот одбор велат дека ВМРО-ДПМНЕ нема веќе време за губење и да си дозволи да губи нови изборни циклуси пред да биде побарана одговорност од Христијан Мицкоски и затоа партијата треба да се сплоти на 17-от вонреден конгрес што ќе се одржи во Скопје на 28 март.

Сподели: