Алтернатива Настани

МКЦ: Промоција на книгата „Македонска сага“ – Сунчица Уневска

 

Во МКЦ на 18. јануари, во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Македонска сага“ од Сунчица Уневска.

Станува збор за уште една книга со рецензии, како претходната „Седмиот печат“, но овој пат посветена целосно на македонскиот филм. Имено, ова е прво издание за македонскиот филм кое го опфаќа периодот од осамостојувањето на нашата земја па сѐ до денес, период на т.н. современ македонски филм или независна македонска кинематографија.

Во книгата се поместени рецензии за 45 македонски филмови, почнувајќи од „Македонска сага“ (1993) на Бранко Гапо, па сѐ до „Втора шанса“ (2019) на Марија Џиџева. А покрај рецензиите направен е и избор на новинарски текстови и коментари кои зборуваат за состојбата со филмот во одредени временски периоди, како и текстови за филмови кои на свој начин го одбележале времето во кое се појавиле. На тој начин оваа книга не е само збир на филмски рецензии, туку се претвора и во своевидна хроника на времето во последниве триесеттина години, која на овој начин за првпат го опфаќа споменатиот период на создавање во филмската дејност.

Како што пишува во воведот на книгата: „За разлика од порано, тоа е доста турбулентен период во поглед на филмската продукција во нашата земја, во кој доживеавме и најголеми успеси, но и многу големи падови, кога македонската кинематографија стана непрепознатлива во светот. Денеска не е така, многу нешат во меѓувреме се сменија, а најмногу свеста дека македонскиот филм мора одново да се пронајде себеси и да го фати чекорот со тековите во светот. Некои нови проблесоци ветуваат дека не е сè загубено…“

Интересно е дека во книгата се објавени рецензиите, написите и коментарите онака како што беа објавени во тоа време, “oбјективно и без разубавување, зборувајќи за времето и настаните без задршка, токму онака како што било“. Затоа и оваа книга, освен за читање, веројатно ќе биде значајна и за проучување за сите оние кои се занимаваат со филмот, затоа што го одразува времето и настаните многу посеопфатно од само филмската продукција. Книгата е во издание на „Аквариус“, а веќе може да се најде во книжарниците „Матица“ и „Литература“ во Скопје.

Промотори на книгата ќе бидат Гена Теодосиевска и Емил Крстески.

Сподели: