Вести Свет Топ теми Ударни вести

Надворешна истрага по обвиненија за сексуално злоставување во Европарламентот

Сподели:

Група пратеници од Европскиот парламент денеска побараа надворешна истрага по обвиненијата од десетици жени, кои Европарламентот го опишаа како „легло на сексуално злоставување“.

Пратениците побараа и формирање посебен одбор кој треба да им помогне на жртвите на сексуално злоставување, а напаѓачите да се донесат пред лицето на правдата.

Барањето за истрага доаѓа по истражувачката сторија на „Сандеј тајмс“, каде беше наведено дека асистентки во Европарламентот биле жртви на непримерни допири и сексуални вербални вознемирување, додека една жена изјави дека била принудена да гледа додека еден европратеник маструбирал.

Меѓу обвиненијата се и дека еден германски европратеник ја „зграпчил одзади“ жртвата, а друг испраќал недолични фотографии и текстуални пораки во текот на ноќта.

Досега, на различни облици сексуално злоставување се пожалија 87 жени и шест мажи, објави „Политико Јуроп“.

Жртвите изјавија дека на нив се гледало како на „парчиња месо“, а не пријавиле во полиција поради стравување дека ќе го изгубат работното место.Тие тврдат дека обвинетите европратеници „не одговараат пред никого“.

Политико покрена и посебна веб страница на која жртвите, доколку сакаат, можат да ги споделат своите искуства и да ги обвинат злоставувачите. Помеѓу обвиненијата е и дека од некои од нив биле побарани сексуални услуги во замена за документи или договор за работа.

Меѓу обвинетите е и поранешниот француски министер за животна средина Ив Кошет, иако засега имињата на злоставувачите не се објавени.

Претседателот на Европарламентот Антонио Тајани вчера изјави дека е „во шок“ откако дознал за обвиненијата. Тој дополни дека злоставувањето сега може да се пријави на посебен советодавен одбор и дополни дека ќе работи на „зајакнување на свеста за постоечките инструменти“ во вакви случаи.

Сподели: