ИНИЦИЈАТИВА ЗА УКИНУВАЊЕ НА НЕЕТИЧКАТА, НЕЕФИКАСНА И ЗЛОУПОТРЕБЛИВА МЕРКА ЗА ЕУТАНАЗИЈА НА КУЧИЊА СО ЛАЈШМАНИОЗА
Ние, здруженија за заштита на животните од целата држава, заедно ја поднесовме оваа иницијатива пред повеќе од еден месец, со јасно барање – итно укинување на мерката за задолжително тестирање и автоматска еутаназија на бездомни кучиња со лајшманиоза, пропишана во точката 6.2 од Годишната наредба за здравствена заштита на животните.
Оваа мерка е морален, научен и институционален пораз. Таа дозволува убивање на здрави животни под изговор на „заштита“, без никакво јавно-здравствено оправдување. Наместо превенција и контрола на векторите – единствениот вистински начин за справување со болеста – државата со години го избира најлесниот и најсуров пат: уништување на живот.
Од нејзиното воведување, мерката по инерција се повторува секоја година, без никакви резултати, легитимира убивање, служи како параван за трошење јавни средства и претставува смртна пресуда за илјадници здрави, мирни бездомни животни.
Ниту една земја од ЕУ не спроведува ваква пракса, ни оние со висока ендемичност како Грција, Италија или Шпанија. Светската здравствена организација, ECDC и CDC јасно укажуваат дека лајшманиозата не се пренесува од куче на човек, туку преку песочни мушички.
Значи, не убивањето, туку превенцијата е одговорот.Покрај тоа, мерката е длабоко неправедна и дискриминаторска – се применува исклучиво врз бездомни животни, додека сопственичките остануваат надвор од системот. Тоа е двоен стандард, медицински апсурд и цивилизациски срам.
БАРАМЕ надлежните институции итно да ја укинат оваа мерка и да воведат современ, хуман и европски модел за справување со лајшманиозата – преку превенција, лекување, згрижување и вдомување, а не ликвидација. Ова прашање одамна го надминува полето на ветеринарната политика. Ова е прашање на вредности, морал и наука — затоа што мерка што медицински и научно е нелогична не може да биде оправдана ниту законски, ниту човечки.
Дали сакаме држава што убива, или држава што штити?
Македонија може подобро – а животните заслужуваат правда.
Со почит,Здружение за заштита на животните „Анима Мунди“,во соработка со:Paws–2021 / Шепи–2021,Срце за животните Тиквеш,Шепаски ентузијасти – Скопје,Бездомни животни без граници – Скопје,Про Анима – Берово,Анимал Лаверс – Струмица,Спаси живот – Штип,Е.Д.Е.Н. – здружение за заштита на животни и животна средина,Лина – спаси живот, Кавадарци;НАРД, Куманово,МАЛИ ХЕРОИ, Битола.
ЦЕЛАТА ИНИЦИЈАТИВА: https://share.google/yIFGXg6kC83HMg0b1


