МАЛОГРАЃАНСКА АЛЧНОСТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Постојат во нашиот мал град многу алчни малограѓани. Алчноста ги дефинира и им го определува најголемиот дел од постапките и однесувањето. Тоа е една орда од целосно излишни бадијалџии, една збирштина од практиканти на живот кој без алчноста за остварувањето на профит и имотност, нема никаква смисла и цел. Или, малку поинаку кажано, алчноста им е едиствениот мотив за живот, а нивиот единствен модус вивенди е немерливао големата желба за трупање богатство и обезбедување на финансиска безгрижност.

Александар Литовски

Сосема е јасно дека нашите алчни неписмени малограѓани никогаш не слушнале за Марк Тулиј Кикерон, а уште помалку прочитале нешто од неговите мудри записи. Во обратен случај, можеби ќе го сретнеле неговиот текст во делото со наслов „За должностите“ во кој стои: „…ништо не му е толку својствено на ситниот и ништожен дух колку што му е својствена љубовта кон богатствата, а од друга страна, ништо не е почесно и повозишено од презирот кон парите, ако човек ги нема, а ако ги има – ништо не е повозвишено од тоа да ги даде во добротворни и благородни цели“, па дополнува дека „ниту еден порок не е погнасен, да се вратам таму каде што започнав, од алчноста (avaritia), особено кај заповедниците и кај тие што кормиларат со државата. Да се збогатиш од државата не само што е срамно, туку е злосторство и безбожност.“

Алчноста е присутна кај сите наши малограѓани, но се чини најсвојствена е кај новоконституирана буржоазија. Тие малограѓани имаат „фабрички вградена“ потреба да им завидуваат на имотноста на сличните на себе и сиот живот да го поминат заработувајќи пари кои ниту им се потребни, ниту некогаш ќе ги потрошат. Овие алчни малограѓани пројавуваат безгранична желба да го поседуваат туѓото, безгранична желба да поседуваат пари, куќи, коли, имоти, предмети… Нивното „око е ненаситно“, иако не можат заграбеното да го исползуваат дури да „живеат и три животи“.

Со децении веќе, во овој град владее незаситната лакомост на богаташите, па сосема „природно“ се чини на гробовите од едни, другите да градат луксузни вили и во нив, овие крволоци, да се прпелкаат во свилени постели со своите скапо платени проститутки. Оваа орда од буржоаски грабливци никогаш немала мерка во локањето пот и крв, а нивните интелектуални слуги од професорскиот и новинарскиот сталеж, во нивна одбрана, секогаш одново и одново, ги преџвакувале истите антикомунистички идеолошки квазиаргументи и полуписмени фрази за „светоста на приватната сопственост“ и „алчноста која влечи напред“.

Интересно е дека алчната буржоазија од нашиот сиромашен мал град има плитка надеж дека може со парите што ги трупа да ја достигне бесмртноста и вечноста. Не сфаќаат овие интелектуално џуџести малограѓани дека низ историјата се кревале велелепни зданија, пирамиди, цркви и џамии, споменици и триумфални порти со наметливи самопофални натписи, се трупале крезовски богатства, се освојувале котлини и планини, а потоа, порано или подоцна, сето тоа го изела темнината на глувонемите векови. Затоа, само едно е сигурно, алчноста не само што не е полезна и трајна, туку го труе соживотот во градот и општеството и го спречуваат општиот развој. Фактички, оваа малограѓанско-буржоаска дружина составена од алчни предатори, оваа дружина која нема мерка ниту во грабежот, ниту во празната националистичка демагогија, така темелно нè осиромашува и уназадува, што ќе ни требаат многу години за да се соземеме и фатиме приклучок, не само со развиените земји, туку и со нашите соседи. Оттаму, додека алчноста и зависта се „системски решенија“, тешко дека градот, ќе оствари сеопшта среќа и напредок. Последниве години наназад, преку нас премина толку многу недолични и срамни дела од малограѓанштината, што би требало да настапи време на гадење над нивната и наша скандалозна заостанатост, тесноградост и алчност. Впрочем, луѓе мои, крајно време е да се случи една катарза на духот и прогрес на градот. Зарем не?