Алтернатива Вести Македонија Настани

НОВО КОМИЧНО ШОУ: ЗЛАТЕН ЗАБ COMEDY ROOM – ДЕБАТА ВО ЖИВО САМО СО КОМИЧАРИ

Сподели:

 

Марјан Георгиевски  e дипломиран актер, магистер по театарска режија, стендап комичар, студент по психологија. Работи како актер во Народниот театар  во Битола каде редовно игра и режира. Активно се занимава со стендап комедија (со повеќе од 700 настапи низ Македонија).

Пишува сценарија за Тв емисии, претстави и книга. Татко е на малолетно дете и учесник во брачна состојба.

Она што не го знаевте за Марјан, е дека пие утринско кафе пола ден.
Не ме гибај” му е утринскиот благослов кон останатите. Пие пиво без мезе, гледа серии, помеѓу глупав филм и длабок сон секогаш го избира второто.
Има намера да направи психотерапија базирана на пцуење/хејтање и смеење.

ЗЛАТЕН ЗАБ COMEDY ROOM е новото шоу  во кое тој се јавува како водител, а ќе стартува од утре, секоја недела, во живо од  21часот.

ДЕНЕС МАГАЗИН: Здраво Марјан. Утре премиерно публиката од Вардар до Триглав ќе има можност да гледа еден поинаков формат на комедија-дебата, каде вие комичарите ќе дебатирате на најразлични теми на ваш хумористичен начин.  Кажи ни повеќе детали за COMEDY ROOM. 

МАРЈАН ГЕОРГИЕВСКИ: Здраво за сите кои се прашуваат каков би бил светот ако би го управувале комичари?!
Можам да кажам – ист како и сега, само што ќе знаевме дека се комичари (се смее). 
Со Продукцијата Златен Заб креиравме интересно шоу, каде еднаш неделно на публиката ќе и понудиме бесплатен хумор. Нешто што ни недостасува на сите. Шоуто ќе трае 1 час и ќе се емитува во живо секоја недела на платформата на Златен Заб.
Со многу ентузијазам и желба квалитетниот хумор, да биде дел од секојдневниот живот го креиравме овој проект. На дебатите со комичарите доаѓа до израз вештината на артистот на духовит начин, да ни каже за светот околу него, едноставна форма на социјална критика. Медиумите се преплавени со разни форми на комедија, од ситкоми до реални формати, со ЗЛАТЕН ЗАБ COMEDY ROOM промовираме нов начин на работа во областа на стенд-ап комедијата и воопшто нов хумор. COMEDY ROOM  е место каде можеме да бидеме реални, забавни, хард кор брутални, без маска, без дезинфекција на вистината. Ќе дебатираме на вистински начин, само со комичари-луѓето кои решиле својот живот да го гледаат преку визирот на светлата страна. Нас не’ интересира хуморот – се друго е болно и патетично.

 

ДЕНЕС МАГАЗИН: Кој се ќе учествува т.е. ќе дебатира со тебе и на кои теми?

МАРЈАН ГЕОРГИЕВСКИ: Стартуваме со Македонија, т.е. со нашата стенд-ап комичарка Ивана Наскова.

 

Овој месец ќе дебатираме и со Жените кои зборуваат (Žene koje pričaju) од Србија и со Хазим Мујчиновиќ од Босна и Херцеговина. Во јуни ќе ни гостува нашиот артист Владислав (Влад) Илиќ, кој живее и настапува во Англија,  Андреј Тежак Тешки од Словенија, Немања Живановиќ од Војводина и Пеѓа Бајовиќ од Хрватска. Во летните месеци јули и август  ќе имате можност да ги видите Мариана АранѓеловиќЈелена РадановиќИван ТомиќСрѓан Олман, Марина Орсаг и многу навистина, многу други стенд-ап артисти од балканските простори. Инаку оваа форма на онлајн стриминг перформанси има свои предности, затоа што пошироката публика ќе биде запознаена со македонската стенд-ап сцена. И обратно, нашата публика ќе ги запознае комичарите од екс ју. Редок настан од ваков вид на овие балкански простори. Ќе дебатираме на најразлични теми од типот на машко-женски односи, дали треба да им плукнете на колегите во кафето и зошто да и тн..

ДЕНЕС МАГАЗИН: Како може да се добијат влезници?

МАРЈАН ГЕОРГИЕВСКИ: Пристап до секоја премиера ќе им биде овозможено на 120 гледачи кои ќе можат да коментираат во живо. Можам да кажам дека за овој прв настан интересот кај публиката навистина беше многу голем. За многу кратко време постот за евентот беше споделуван заедно со гратис влезниците.

За следните евенти следете ги објавите на Продукцијата Златен Заб и календарот со настани.

denesmagazin.mk

Сподели: