Обраќање на спикерот Џафери по повод 20 години Рамковен договор

Сподели

 

“Задоволство ми е што денес, од име на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име сум дел и имам чест да ве поздравам, сите присутни тука, на оваа Свечена академија, по повод 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Договор на мирот и Договор што ги постави новите правила на општествената кохезија и подоброто меѓуетничко функционирање, кој што беше најцврстиот и најсолиден темел врз кој го трансформиравме видливо нашето мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество”, се обрати спикерот Талат Џафери на одбележувањето на 20 годишнината на Охридскиот Рамковен Договор.

 

 

“Издржавме цврсто и се трансформиравме како општество, созреавме како политичари, како граѓани, ни се отворија хоризонтите и успеавме да ја согледаме големата слика пред која стоиме сите заедно, со една заедничка јасна цел пред нас – а тоа е, Република Северна Македонија да биде успешна приказна за напредна парламентарна демократија, современа, сега веќе полноправна земја-членка на НАТО, со надеж набрзо и член на големото европско семејство, меѓутоа над се, дом на сите припадници на различните етнички, верски, културни заедници, дом на сите граѓани! На овој пат, имаме безрезервна поддршка од нашите меѓународни пријатели и стратешки партнери кои беа до нас и го помогнаа концептот и постигнувањето на мирот со отворен и непосреден политички дијалог и се до нас и сега кога ги уживаме резултатите од неопходноста, моќта и ефективноста на Охридскиот договор.

 

 

Охридскиот рамковен договор, актот кој што ја промени иднината на нашата земја и истовремено беше наш најдобар патоказ за обезбедувањето на стабилноста, одржливоста и конструктивниот дијалог, беше предизвик и сам по себе, кој што овозможи Република Северна Македонија да  биде успешна сторија која е пример, не само во нашата земја туку и пошироко, во целиот регион и е договор кој што овозможи простор за третирање на прашања кои беа во однос на почитувањето на правата на сите заедници, правичната и соодветна застапеност, вклучувањето во политичкото и институционалното одлучување и неговата имплементација влијаеше врз подигнувањето на граѓанската свест во насока дека придонесот на секој граѓанин во земјава е еднаков и дека за вистински соживот, заложувањето на секој поединец е повеќе од ценет и  добредојден придонес. Основањето на Комитетот за односи меѓу заедниците, официјализацијата на Тетовскиот универзитет, основањето на Универзитетот Мајка Тереза, на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Агенцијата за примена на јазикот, Инспекторатот, именувањето на нашите улици со достоинствени претставници на сите заедниците во земјата и серија други економски, културни и други институции се реалност која е резултат на помирувањето, меѓуетничкото почитување и соработка. Јас, Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Артан, Бујар и серија други претставници на чело на домашните институции се реалност. Ова што ви се обраќам на албански е реалност и знак дека имаме за што да бидеме горди, меѓутоа, никако да сметаме дека сме ја завршиле домашната задача, затоа што, како што вели и слоганот на манифестацијата – „ПОСЛЕ ОХРИД“, затоа што процесот продолжува, предизвиците не се исцрпуваат и нашето патешествие како држава ќе се заокружи тогаш кога ќе ја исполниме и нашата втора стратешка определба и цел, односно, по полноважното членство во Сојузот на НАТО, да почнеме преговори и со Европската Унија, по определувањето на датумот за одржување на првата меѓувладина седница на Република Северна Македонија – Европска унија. И, повторно, ништо не завршува тука! Грижата и обезбедувањето на правата и слободите, се разбира и обврските на секој граѓанин  во земјава остануваат сега и засекогаш, прв, втор и последен приоритет на сите нас!”