Од студиото до целта: Тимот на Радио 2 со заедничка победа во Солун

Сподели:

Пет километри, четворица колеги и една приказна за заедништвото, поддршката и љубовта што не се мерат со време.

Тимот на Радио 2 при Македонската радио-телевизија беше дел од 14. Меѓународен ноќен полумаратон ZeniΘ во Солун, одржан на 17 октомври, каде што четворица колеги успешно ја истрчаа трката на пет километри, испишувајќи уште една заедничка приказна надвор од радиостудиото.

Рашела Гинова-Карафилоски, Дејан Јоновски, Саше Ангелески и Дарко Миткоски го претставуваа Радио 2, покажувајќи дека тимскиот дух не завршува со работното време и дека заедништвото се гради и надвор од секојдневните професионални обврски.

Иницијативата започна минатата година, кога десетмина колеги од Радио 2 учествуваа на Скопскиот маратон, секој трчајќи со своја порака на поддршка, посветена на луѓето што водат лични битки, на здравствените работници, музичарите, медиумските работници, жените и мајките и на сите што веруваат во сопствените победи.

Годинава, во Солун, пораките не беа изговорени гласно, но беа понесени во срцето.

Дејан и Дарко ја завршија трката за околу 25 минути, но наместо да си заминат, останаа на целта да ги дочекаат Рашела и Саше, бодрејќи ги во последните метри. Токму таа слика стана најсилниот симбол на ова учество — дека вистинскиот тим не го одредува брзината на поединецот, туку подготвеноста да се почека и поддржи другиот.

Зад спортскиот предизвик остана и една посуптилна порака за љубовта, за луѓето што нè бодрат оддалеку, што мислат на нас и што со едноставното прашање „Стигна ли?“ покажуваат колку значи нечие присуство, дури и кога не е физички покрај нас.

Со поддршка од колегите и менаџментот на МРТ, тимот на Радио 2 се врати од Солун со ново искуство, заеднички спомени и уште една потврда дека радиото не го создаваат само гласовите што ги слушаме, туку и луѓето зад нив.

Зашто понекогаш не е најважно кој прв стигнал до целта, туку кој останал да те чека.

Златен заб

Сподели: