Одржана манифестацијата „Произведувачи на зборот“

Сподели

 

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, вчеравечер во Културно информативниот центар – Скопје, се обрати пред присутните по повод одржувањето на манифестацијата „Произведувачи на зборот“, а во чест на стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски.

 

 

– Целото творештво на Јаневски е во знакот на извесни првотности: понудува прва македонска повест Улица, прв македонски роман Село зад седумте јасени, прв роман во кој е употребена постапката на водењето на текот на свеста кај нас, итн.; го задолжи овој наш град и со Две Марии, со Кловнови и луѓе, со циклусот Кукулино, Телеграфските либрета од ’63, и со мноштвото други дела го стави Скопје на светската книжевна мапа – нагласи Љубица Јанчева.

 

 

Таа додаде дека Град Скопје, имајќи ги на ум споменатите генерални одредници за творештвото и за книжевната моќ на дејствување на Јаневски, ја препозна неговата творечко-обединувачка сила на животот и творечко-вистинските вредности и во знакот на почит кон неговиот творечки маг, во знакот на сеќавањето нагласи дека Градоначалникот Петре Шилегов, на наредната седница на Советот на Град Скопје ќе предложи 2020 да биде прогласена за година на Славко Јаневски, а едновремено ќе се насочи и кон реализирањето на предвидените активности во чест на овој голем јубилеј.

– Денеска ја користам можноста да споменам и дел од активностите, како: „Именување на улица и именување на еден од библиотечните клонови при Градската библиотека во негова чест; Изложба за животот и делото на Славко Јаневски во Музеј на град Скопје; распишување на конкурс за уметници коишто ќе творат во негова чест; поддршка во реиздавањето на неговите дела, изработка на мурал на еден од скопските ѕидови“, но и многу други активности во текот на целата 2020 година – резимираше Јанчева.

 

 

Манифестацијата „Произведувачи на зборот“, е во организација на Фондацијата „Славко Јаневски“, а со поддршка на Град Скопје.