“ОХРИДСКО ЛЕТО”: Нова македонска опера на Европската музичка сцена

Сподели

 

(Светот може да биде спасен само од музиката  – International music revolution (IMR)

Според новите протоколи, во петок, на отворено во Охрид, со настапот на актерите од белградското Југословенско драмско позориште и театарската претстава “На отворено море” од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, свечено ќе биде затворено 61-то издание на фестивалот “Охридско лето”, нашата најзначајна музичко – сценска манифестација.

Вечерва, последниот музички термин, е насловен како “Лирска вечер”, со македонските сопрани,  Милена Арсовска, и  Гонца Богоромова – Крапоски, како и бас-баритонот Иван Наумовски.

За да ја преземе диригентска палка од Париз допатува Паскал Галоа, познат француски музички уметник, етаблиран активен протагонист на париската музичка сцена, моментно директор на Конзерваториумот Моцарт  од  Париз.

На програмата се минијатури од светски познати копмпозиторски имиња, а за нас е особено важно, што за прв пат, ќе биде изведена и една арија чијшто автор на либретото е македонскиот писател Јордан Плевнеш, додека автор на музиката е македонскиот композитор Панде Шахов, кој живее во Лондон.

Аријата е дел од новата европска опера, со наслов “Интернационална музичка револуција” (ИМР), додека диригентот Галоа е и ко-продуцент.

Јордан Плевнеш, во ексклузивната изјава, вели дека операта се родила за време на долгите месеци на пандемијата и изолацијата во европскиот триаголник: Скопје-Лондон-Париз.

Приказната за ИМР е произлезена од  еден вистински настан, од богатото минато на магичниот Охрид :

Имено, околу 1780 година по катастрофалниот земјотрес во Лисабон, во 1755 година, во којшто градот е целосно уништен и има огромен број жртви, Маркизот до Помбал, кој е градител и реконструктор на главниот град на Португалија, а е член на истата масонска ложа со Волфганг Амадеус Моцарт во Виена, се обратил до неговите виенски колеги со барање да му помогнат во откривањето на  6000 подводни столбови на кои ќе се гради Новиот Лисабон.

Во истата масонска ложа со Моцарт членува и Баронот Константин Бели, со потекло од Охрид.

Тој предлага 6.000 бели борови од македонската планина Кожуф да пристигнат од Солун во пристаништето во Лисабон. Заедно со бродот во Лисабон ќе допатува и неговата внука од Охрид, Ефимија Бели, која ќе има средба со Моцарт во Виена, и ќе му отпее дванаесет македонски песни кои спаѓаат во во врвот на  балканската музиччка  меморија. Тоа е време на различни револуции и терор на сите меридијани.

По смртта на Моцарт, веднаш по Француската револуција, Баронот Константин Бели и неговата внука формираат една меѓународна вокална група која ќе ја проповеда новата религија, дека  светот може да биде спасен само од музиката  –  International music revolution IMR.

Во операта се појавуваат голем број на реални личности од балканската, европската и светската историја. Таа се движи со скокови низ времето и завршува со меѓународен настап на неколку светски јазици во Њујорк, за време на аукцијата во која е черепот на Моцарт, претходно погребан во масовна гробница, за 5 милиони долари. Настан кој реално се случи  во нашиве модерни времиња, во кој владее новата глобална перверзија, која Алберт Ками ја нарекува – Тиранијата на парите.

За копродукција на операта интерес изразија Операта Сао Карлос од Лисабон, Театарот Фениче од Венеција, Музичкиот театар Шатле од Париз, а ќе биде предложена и на МОБ и фестивалот “Охридско лето“ за следната сезона, 2022.

Освен на “Охридско лето“, операта ќе биде изведена и на Музичкиот фестивал во Киберон, Бритања, Франција. 

Веле Митаноски