Околу 30.000 граѓани денеска се приклучија на големата акција за расчистување на Скопје, во рамки на која илјадници сограѓани, заедно со градоначалници, претставници на амбасади, јавни личности, млади и волонтери, со заеднички ангажман придонесоа за почист и поуреден град.

Акцијата ја обедини граѓанската заедница околу заедничката цел – подобрување на животната средина и создавање почисти и побезбедни простори за сите жители на Скопје.
Со засукани ракави и личен пример, учесниците чистеа јавни површини, паркови, населби и други локации низ градот, испраќајќи порака дека грижата за животната средина е заедничка одговорност.

„Околу 30.000 вредни и посветени луѓе денеска покажаа колкава сила има градот кога се обединува околу заедничкото добро“, беше истакнато во рамки на акцијата.
Посебен акцент беше ставен на потребата од создавање трајни навики за одржување на јавните простори. Како што беше посочено, секоја исчистена површина значи поздрав простор за живот, побезбедно место за игра на децата и поквалитетно секојдневие за граѓаните.

Воедно, беше упатен апел до граѓаните да го почитуваат вложениот труд и да придонесуваат кон зачувување на чистотата на јавните површини. Најавено е дека вакви акции ќе продолжат да се организираат двапати месечно, со цел граѓанската одговорност и грижата за животната средина да прераснат во трајна навика.
„Чистиот град започнува од нас – од грижата за сопствената улица, парк и маало. Денешната акција покажа дека кога граѓаните се обединуваат, може да се направи значаен чекор за почисто и поубаво Скопје“, беше порачано.
Организаторите упатија благодарност до сите граѓани, волонтери, институции, јавни личности и претставници на дипломатскиот кор кои се приклучија на акцијата и со својот ангажман дадоа придонес кон заедничкиот градски простор, информираат од Град Скопје.


