Орце Ѓорѓиевски: Да оставиме пример, не ѓубре

Сподели:

Илјадници волонтери, во сите скопски општини, повторно ќе се обединат за почист, поубав и поздрав град. На повеќе од 50 локации ќе чистиме паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите. Ќе бидеме таму каде што секојдневно се одвива животот, каде што се среќаваме со соседите, каде што ги носиме децата на прошетка, каде што сакаме да седнеме и да уживаме во своето маало. Со нас ќе бидат општините и градоначалниците, учениците, волонтерите и сограѓаните од сите генерации и професии – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

“Силата на Скопје е во неговите луѓе. Во оние што ќе излезат од својот дом за да го направат поубав и заедничкиот. Во рацете што чистат, во свеста што се буди, во решителноста да оставиме нешто добро зад себе! Секој пар вредни раце значи уште едно почисто катче во нашиот град. Да ја претвориме желбата за поубаво Скопје во заедничка работа што ќе се гледа во секое маало. Како институции, имаме обврска да обезбедиме ред и редовно одржување на чистотата. Како граѓани, сите имаме одговорност да го чуваме својот град. А секој што несовесно фрла отпад и создава депонии мора да понесе одговорност за своите постапки. Нечија неодговорност не смее да го поништува трудот на илјадници луѓе!

Верувам во Скопје, затоа што верувам во скопјани и во силата да се обединиме. Таа сила веќе ја покажавме. Со засукани ракави и со срце за Скопје! Зад нас нека останат чисти маала и пример што ќе го следат генерации. Да оставиме пример, не ѓубре!” – изјави Ѓорѓиевски.

Сподели: