Османи: Никој не преговара и нема право да преговара за идентитетските прашања

Сподели

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска има излагање пред членовите на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Северна Македонија за текот на разговорите и севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

 

 Кога сме кај чувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам – никој не преговара за идентитетот! Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од било кое друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара, подвлече Османи.

Тој истакна дека можеби постоеле такви обиди во минатото кога се пласираа некакви тези за негирање на идентитетот на Македонците како „Еден народ во две држави“, што, вели Османи, преставуваше обид за наметнување на еден единствен поглед на исторската вистина, но преку еден мудар, рационален, аргументиран пристап успеавме да покажеме дека се тоа ретроградни појави, дека не одговараат на современите цивилизациски вредности, и сметам дека во тоа успеавме.

– Денес веќе не разговараме за идентитет, туку единствено за пристапот при утврдувањето на правото на самоопределување на секој – во согласност со постоечкото државно уредување кај двете држави. Тоа не води до сетот политички прашања кој до неодамна беше именуван како пакет 5+1, рече Османи.

Според него, во последно време почнала да се шири, како што рече „една блага хистерија дека за вакви чувствителни прашања можни се ад-хок решенија“ и оти некој може сам, преку ноќ, зад завесите, без знаење на граѓаните да донесе било каква одлука или договор на штета на нашите државни позиции поставени од декларацијата на Собранието.

– Сакам да порачам дека државниот тим целосно се води од позициите, државна позиција, дека секое прашања поминува низ неколку филтри – прво се тука експертите и дипломатите во МНР, професионалци кои со овие прашања се занимаваат во дипломатијата независно која било политичка власт во државата. Тоа се истите луѓе со кои работеле и моите претходници, меѓу кои и сегашниот преседател на Комисијава, Антонио Милошоски кога тој беше министер. Потоа е и Владата, каде одлуките ги носиме заеднички, а секако на крајот и оваа Комисија, Собранието воопшто, и на крајот и граѓаните, рече Османи.

На крајот, посочи Османи, најчувствителните прашања и не се предмет на политички преговори, туку тие се предмет на разговори меѓу експертите во заедничката комисија за историски и образовни прашања, која, како што рече, е независно тело и во чија работа ниту можеме ниту се обидуваме да се мешаме.