Повеќе од 80 ученици од основните училишта „Гоце Делчев“ и „Мите Богоевски“ во Ресен покажаа високо ниво на интерес и ентузијазам како да ја спасат Преспа од отпадот. Македонското еколошко друштво ги поведе низ интерактивни предавања за отпадот и неговото влијание врз екосистемите во Преспа, кои се претворија во часови по креативност, тимска работа и љубов кон природата.
Првото предавање се реализираше во училиштето „Гоце Делчев“ на кое учествуваа 20 ученици од деветто одделение, додека во училиштето „Мите Богоевски“ беа одржани две предавања на кои присуствуваа 62 ученици. Со факти, примери и низ вежби, младите дознаа како отпадот може да ја наруши рамнотежата на езерото, да ја загрози рибата, птиците и на крај човекот. Потоа, тие покажаа голема свесност за темата и подготвеност да се вклучат во идни еколошки акции, работилници и едукативни активности поврзани со заштитата на природата.
Предавањата завршија со промоција на онлајн квизовите достапни во секцијата „Учи со клик“ на www.presparazbudise.mk – забавен начин младите да го проверат своето знаење и да учат преку интерактивна игра.
Предавањата се реализираа во рамките на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Македонското еколошко друштво и Еко герила Преспа, а е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.


