Отпадот од топењето старо железо во „Макстил“ ќе се користи како градежен материјал

Сподели

 

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини присуствуваше на презентацијата на проектот Cinderela за циркуларна економија и искористување на отпадот како ресурс, која се одржа во кругот на компанијата Макстил АД, во комплексот Железара.

На настанот, беа презентирани дел од активностите од проектот, односно употребата на градежните материјали на база на искористување на белата и црната троска како секундарна суровина, добиена при процесот на топење на старото железо, кои се употребија за ревитализација на деградираниот простор во паркинг платото и за реконструкција на пристапниот пат, како и преградните ѕидови.

Министерот Нуредини во своето обраќање истакна дека овој проект се реализира токму во моментот кога Министерството за животна средина и Владата на РСМ го трасираат патот кон воспоставување на циркуларна економија  во државата, и дека овој бизнис модел на циркуларна економија за одржлив урбан развој и градба покажува дека е можно политиката и праксата да се следат и зацртаните развојни политики да добијат своја потврда во реалноста.    

– Да се искористи секундарната индустриска суровина како градежен материјал е одличен начин за намалување на количините на депониран отпад, ги заштитува примарните ресурси и во исто време дава поевтино и брзо решение за реконструкција на патиштата. Проектот Cinderela претставува конкретна апликација на она што го промовира Владата на РСМ со реформата во секторот отпад, а тоа е: селектирање, реупотреба, рециклирање и преработка на отпадот – додаде тој.

Проектот Cinderela, односно „Нов бизнис модел на циркуларна економија за одржлив урбан развој и градба” го спроведува Градежниот институт Македонија и претставува комплексен истражувачки и иновативен проект, кој има за цел развивање и демонстрирање нов бизнис модел на циркуларната економија, а се базира на можностите за намалување на урбаниот отпад. Финансиран е од програмата „Хоризонт 2020″ на Европската Комисија. 

За изградба на паркинг платото со површина од 6500 m2 и улица со површина од 2150 m2, како агрегат за тампон и агрегат за асфалт беа искористени околу 11 000 тони обработена црна троска, додека за изградба на преградни ѕидови направени во фабриката Карпош, се користеа префабрикувани бетонски блокови изработени од бетон со додаток од 20 проценти бела троска како замена за цемент.