Отворена музичка програма „Show Room“

Сподели

 Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ почнува со новиот регионален проект за развој на џез сцената во регионот „Show Room“. Секој петок на репертоар е концерт на реномирани џез музичари од Македонија и регионот кои ќе настапуваат пред публиката во „Јавна соба“.

„Show Room“ е отворена музичка програма, концерти во живо, со содржини креирани од музичарите од македонската и регионалната џез сцена, која има за цел да го претстави музичкиот потенцијал преку индивидуална интерпретација на стилови, концепти и артисти.

На првото издание вечер ќе настапат Кирил Кузманов – саксофон, Трајче Велков-труба, Филип Димишковски-клавијатура, Кирил Туфекчиевски – бас и Виктор Филиповски – тапани.

„Zing Project“ и „M Jazz Session“ ќе имаат концерти на 23 и 30 декември. Ќе ги изведуваат евергрините на македонската џез/поп ера, од 50-тите години до денес.

На 14 јануари 2017 година концерт ќе одржи познатиот српски џез квартет Милан Петровиќ, со што ќе почне и регионалната размена. Во рамки на „Show Room“ предвидено е гостување на „Fiеrce“ од Скопје во „Мikser House“ во Белград во март 2017, како и настап на македонски бендови на џез фестивали во регионот.

Музичарот и програмски уредник во „Јавна соба“ Марко Василевски потенцира дека станува збор за џез музичари и групи кои негуваат различни џез поджанрови, каде селекцијата е базирана исклучиво на квалитет на авторите.

– Сакам да се приближиме до основната идеја, прогресивен современ звук во кој и публиката и музичарите ќе уживаат, изјави Василевски.

Влезот на сите настани во „Јавна соба“ е бесплатен.