Премиера на „Ми треба ново тело“ на Викторија Илиоска на МОТ

Сподели

 

На 16-ти ноември во Денсинг салата во Младинскиот Културен Центар во Скопје, со почеток во 20 часот, премиерно ќе се изведе танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ на Викторија Илиоска. Ми треба ново тело е дел од програмата на овогодинешното 47-мо издание на МОТ во соработка со фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО 10 и Локомотива – Центар за нова иницијатива во уметноста и културата.

„Ми треба ново тело“ ќе се одвива помеѓу телото како изложување и телото како ресурс, барајќи го местото каде што овие две се вкрстуваат. Концептот и кореографијата на „Ми треба ново тело“ се на Викторија Илиоска во разговор со Настја Ѕубан и Лаура Стелачи, а изведувачки се Викторија Илиоска и Настја Ѕубан. Викторија Илиоска е македонска кореографка и изведувачка која живее и работи помеѓу Северна Македонија и Германија. Веќе повеќе од една деценија активно работи на програми за поддршка и развој на современиот танц, соработувајќи со институциите и јакнејќи ја независната сцена. Таа е членка на Nomad Dance Academy, преку која работи на поврзување и соработки во локалниот и националниот контекст на балканскиот регион. 

Еден ден по перформансот, на 17-ти ноември во 12 часот во горното фоаје на Кино Фросина (МКЦ) ќе има и разговор со уметницата Викторија Илиоска наречен „Дијалог кој недостасува“ чии модераторки се Кристина Леловац (ППЖ10) и Билјана Тануровска-Ќулавковски (Локомотива), а на кој како соработнички на фестивалот ППЖ10 ќе учествуваат и Душица Лазова (Медуза) и Елизабет Колевска (балерина/професорка во ДМБУЦ Илија Николовски Луј). Современите изведувачки уметности може да делуваат херметично поради тоа што отстапуваат од традиционалните линеарни постапки во креирањето. Сметајќи ја за неопходна, се востпоставува форма на “разговор со уметниците” како пракса на рефлексија или дијалог кој недостасува.

Перформансот е копродукција помеѓу Локомотива – Центар за нова иницијатива во уметноста и културата/програм Кореографирани тела, Life Long Burning (LLB)/Програм Performance Situation Room, Номад Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска. Проектот е поддржан од: Министерство за култура на Северна Македонија, Креативна Европа (во рамки на Life Long Burning проект).

Десетото издание на Фестивалот Прво па женско е поддржано од Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, FRIDA | The Young Feminist Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура на РС Македонија.