Претставници од Куманово присуствуваа на манифестација во Лесковац

Сподели:

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, денеска присуствуваше на изложба на кумановски ликовни уметници, во Лесковачкиот културен центар, во рамки на меѓународната програма “Лесковачки отворен павиљон – Престолнина на културата на Србија 2026”.

Димитриевски во присуство на градоначалникот на Лесковац, Горан Цветановиќ, имаше чест да се обрати пред посетителите и гостите на настанот, заблагодарувајќи им се на домаќините за поканата, во име на сите учесници од Куманово, кои беа дел од свечената програма “Градови побратими”, на неколкудневната празнична манифестација.

Македонската култура во збратимената општина ја промовираа кумановските музички интерпретатори Мартинијан Кириловски, бендот “The Solution”, ликовните уметници се претставија со изложбена поставка на слободна тема и фолклорните ансамбли КУД “Панче Пешев” и ДМФА “Срма”, со посебен акцент на кумановскиот сплет и обичаи, низ игра и песна.

На вечерта посветена на stand up комедијата, посебна чест им е укажана на кумановските артисти и комичари Мирослав Петковиќ, Чедомир Митевски и Мишо Димитриевски, кои се претставија пред публиката со комедија, иснпирирана од секојдневниот живот и актуелни теми од регионот.

Меѓународната манифестација обедини музички, драмски и ликовни уметници од повеќе земји: Србија, Македонија, Република Српска – БиХ, Бугарија и Грција, кои имаа заедничка мисија, размена на професионалните културно – уметнички искуства и содржини помеѓу збратимените општини, со цел да ги промовираат традиционалните вредности на своите земји.

Сподели: