По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од независноста на државата, Националниот археолошки музеј на 8 септември организира посебен музејски настан под наслов „35 години – 35 предмети – 35 приказни“.
Настанот, кој е дел од официјалната програма за одбележување на Денот на независноста, ќе започне во 11 часот, а за сите посетители влезот во Музејот во текот на целиот ден ќе биде бесплатен.
Националниот археолошки музеј, преку 35 внимателно избрани предмети од својата постојана поставка, ќе понуди поинакво патување низ илјадници години историја и културно наследство. Посебноста на настанот е во интерактивниот концепт. Предметите ќе бидат означени со македонското знаме, кое ќе им помогне на посетителите да ги пронајдат низ постојаната музејска поставка. На овој начин, Музејот ја претвора својата постојана поставка во своевидна историска мапа, низ која посетителите ќе можат да патуваат низ времето и да ја согледаат поврзаноста меѓу материјалното наследство и современата држава.
Во рамките на настанот ќе биде промовиран и специјалниот каталог „35 години – 35 предмети – 35 приказни“, во кој 35-те избрани предмети се претставени преку текстови подготвени од кустосите и експертите на Националниот археолошки музеј.


