Промоција на „Живот без сведоци“ од Наташа Сарџоска

Сподели

 

Во издание на Издавачкиот центар ТРИ излезе од печат новиот роман на познатата авторка и поетеса Наташа Сарџоска насловен „Живот без сведоци“. Ова е втор роман на Сарџоска по „Трамонтана“, кој се вброја меѓу најдобрите романи за 2021 година и беше во тесна конкуренција за Роман на годината. 

Промоцијата на „Живот без сведоци“ ќе се одржи на 14 декември (четврток), со почеток од 19 часот, во Филхармонија-бар, а негов промотор ќе биде авторката и проф. д-р Маја Мухиќ. Низ разговор со авторката, на публиката ќе ѝ биде претставен романот што ни ги отвора очите за дел од стварноста пред кој често замижуваме. Посегнувајќи по нови теми, Сарџоска стилски нè навраќа кон извонредните делови од „Трамонтана“ и уште еднаш ни докажува дека прозата е уште една нејзина силна страна. 

Венко Андоновски го опиша романот како „кревок, срамежлив, ранлив, а истовремено страстен, бурен и возбудлив“. Тоа е доволен поттик за посета на оваа промоција што ќе ни ја заокружи годината на домашната книжевност со одлично дело од богатата ризница на македонски автори.