Во Националната опера и балет во Скопје, на 6 ноември се одржа промоција на монографијата посветена на легендарниот музички великан, маестро Ванчо Чавдарски, од авторот Јован Мазгански.

Промотор на монографијата беше Проф. Александар Трајковски, а настанот започна со поздравната реч на м-р Васил Атанасов, продолжи со читање на цитати и наслови кои ги прочитаа проф. д-р. Виолета Ачковска и проф. Благојка Филипчева. Потоа следеше обраќањето на авторот Јован Мазгански пред бројни истакнати професори и уметници. Настанот беше затворен со поздравната реч на м-р Васил Атанасов.

Настанот беше прикладно проследен со музика од Глигор Гелебешев – пијано, Катерина Гелебешева Костадиновска – пијано, Дарко Маринковски – пијано и Борис Трајанов – баритон.

Маесто Ванчо Чавдарски е роден во с. Владимирово 1930 година. Во 1960 година станува диригент на Македонската филхармонија, потоа го основа Македонскиот Камерен оркестар со кој остварува многу успешни гостувања ширум Европа и го формира Двежењето на музичката младина на Македонија. Чавдарски со децении диригираше во престижната Сиднејска опера, беше шеф-диригент на Квинслендскиот симфониски оркестар во Бризбејн и почесен професор во Јужна Кореја.

Во својата долгогодишна уметничка дејност Ванчо Чавдарски се стекна со завиден симфониски и оперски репертоар 32 опери, над стотина симфонии, увертири и други музички форми, со застапеност на речиси сите македонски композитори, чии дела ги изведувал во земјата и во странство. Настапувал со на 60 разни симфониски оркестри во светот, гостувал во сите европски земји освен Албанија и Турција.
Да се зборува за македонската музика, а да не се вгради името Ванчо Чавдарски би било не само изневерување туку и осиромашување на современата накедонска уметност. Чавдарски претставува едно од најсветлите имиња во поновата музичка историја на Македонија.


