Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Со Србија работиме на решение да обезбедиме поевтина струја за македонското стопанство

Сподели:

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска на заедничка прес-конференција на лидерите од Западен Балкан во Белград, рече дека Република Северна Македонија и Република Србија работат интензивно на наоѓање решение за обезбедување на поевтина струја за нашето стопанство.

Премиерот Ковачевски истакна дека ни претстои тешка зима на сите нас, на целиот регион и на цел Европски континент. Но убеден сум дека со солидарност и со соработката, почитта и со другарството кое го покажавме помеѓу нас тука присутни, дека така најлесно ќе ја пребродиме оваа криза.

„Од оваа иста говорница и јас и претседателот на Србија зборувавме за нашите напори да ги искористиме вишоците на гас кои ги има Србија, а со оглед на тоа што во Северна Македонија постои гасна централа со капацитет од 205 мегавати, да направиме договор во којшто гасот по подобра цена од онаа која беше во моментот на највисоките цени на светските берзи ќе биде донесен до Северна Македонија. Тука ќе биде произведена електрична енергија која потоа ќе биде поделена помеѓу Северна Македонија и Србија.

На тој начин нашата индустрија ќе добие електрична енергија по пониска цена од она што го добива од регионалните берзи, а Србија ќе може да ги надомести своите недостатоци на електрична енергија во јужниот дел на земјата.

Многу пати ме прашуваа и мене и претседателот Вучиќ дали имаме решение за тоа. Ние не прекинавме да разговараме и нашите тимови да работат на изнаоѓање на решение и мислам дека во моментов сме многу поблиску до решение од тоа што бевме на почетокот“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Србија Вучиќ потврди дека двете земји се блиску до решение за обезбедување поевтина струја за македонското стопанство.

„Блиску сме до договор со Димитар, ние имаме некои можности во овој момент и со нашиот братски народ во Северна Македонија, секогаш се ќе поделиме. За нас, тоа е во ред. А за Северна Македонија мислам дека тоа е добро и сметам дека тоа е добра вест за луѓето во Северна Македонија. Но и за поширокиот регион да направиме договор околу нивната гасна електрана. Ќе продолжиме да работиме. Работите не се лесни. Ги предвидовме и повисоките цени и подготвени сме. Луѓето не треба да се грижат“, рече претседателот на Србија, Вучиќ.

Сподели: