Самостојна изложба „Срце и душа на платно“ од Стефани Стојаноска Наумческа

Сподели:

Самостојна изложба „Срце и душа на платно“ од Стефани Стојаноска Наумческа, во НУЦК “Кочо Рацин” – Кичево, на 20 ноември, со почеток од 19 часот.

На изложбата ќе можете да видите апстрактни дела и портрети, како и дела создадени со кафе како необична ликовна техника, на која ќе бидат претставени дела исполнети со емоција, бои и љубов кон уметноста.

Стефани Стојаноска Наумческа има над 250 дела и изложби во Македонија и Италија.

Стефани Стојаноска Наумческа е родена 17.08.1996 во Гостивар. За себе вели дека пред сè е човек кој верува дека со доволно љубов, труд и упорност може да се стигне до целта. Емотивна, истрајна и искрена личност, која не се откажува лесно, дури и кога патот е тежок.

Надвор од уметноста ја исполнуваат семејството, луѓето што ги сака, патувањата, прошетките и едноставните моменти од секојдневието. Но, уметноста секогаш е некаде присутна во неа. Дури и кога не е пред платно, размислува, набљудува и бара инспирација.

“Љубовта кон уметноста започна уште кога имав шест години. Тогаш веројатно не знаев дека еден ден сликањето ќе стане толку важен дел од мојот живот. Само сакав да цртам. Со годините таа детска љубов прерасна во нешто многу поголемо. Почнав да сфаќам дека преку платното можам да кажам нешта кои понекогаш не можам да ги кажам со зборови. Денес, по толку години работа, можам слободно да кажам дека сликањето е дел од мојот карактер и од мојот живот.

Мојата уметност не сакам да ја ставам во една рамка. Работам портрети, апстрактни дела и експериментирам со различни техники и материјали. Можеби токму тоа најмногу ме опишува – желбата постојано да истражувам нешто ново.

Преку делата сакам да пренесам емоција. Сакам човекот што ќе застане пред мојата слика да почувствува нешто, без разлика дали е мир, љубов, тага, сила или надеж. За мене една слика е успешна кога ќе успее да допре до некого.

Кафето го доживеав како уште еден начин да експериментирам со уметноста. Сакав да видам што може да се создаде со материјал кој не е класична боја, а сепак има прекрасни природни тонови. Мене ме привлекува неговата топлина и начинот на кој остава различни нијанси и траги. Никогаш не можеш целосно да го контролираш резултатот, а токму тоа ми е интересно”, вели Стефани.

“Понекогаш комбинирам кафе со акрилни бои и така добивам сосема поинаков ефект. Сакам да покажам дека уметноста може да се најде и во нешта што ги гледаме секој ден.

Најголема слобода чувствувам кога не размислувам дали нешто е „правилно“ или „погрешно“. Кога сликам апстракција, дозволувам чувството да ме води. Кај портретите, пак, има друга одговорност – сакам да ја пренесам личноста, погледот и емоцијата.

Ме привлекува експериментирањето. Работам со акрил, масло, графика, туш, сув пастел, кафе, а понекогаш и вино. Не сакам да останам само на една техника. Сакам постојано да учам и да откривам.

Нема точно правило. Некое дело може да биде создадено за неколку часа, а на друго можам да работам со денови. Понекогаш платното едноставно не ми дозволува да застанам додека не го почувствувам како завршено.
Најголемиот предизвик е да го пренесам она што го имам во себе. Можам да имам јасна замисла, но кога ќе започнам да сликам, делото може да тргне во сосема друга насока. И токму тогаш настануваат најинтересните моменти.

екоја изложба има своја приказна и своја емоција. Првата самостојна изложба „Бесконечна надеж“ во Гостивар беше посебна затоа што беше остварување на еден голем сон. Но, многу силно искуство за мене беше и претставувањето во Италија. Да ја видам мојата уметност надвор од Македонија, пред публика која не ме познава лично, беше огромна мотивација. Самостојната изложба „Arte dell’anima“ во Ровиго ми покажа дека уметноста навистина нема граници, нешто ново.

Особено ми значи кога ќе слушнам дека некое мое дело некому му се допаднало, го допрело или дека денес живее во нечиј дом или институција. Тогаш чувствувам дека мојата работа продолжува да живее и надвор од мене.

Не е лесно. Потребни се многу труд, истрајност, храброст и верба во себе. Понекогаш најтешкиот дел не е самото сликање, туку да најдеш можност некој да ја види твојата работа. Но, јас верувам дека ако навистина го сакаш тоа што го работиш, не треба да се откажеш.

Секое отворање на врата е нова можност.

За мене е огромна чест што моите дела од Македонија стигнаа до Италија и што имам можност да продолжам да ја претставувам нашата уметност и надвор од границите.

И токму затоа со голема возбуда ја подготвувам мојата нова самостојна изложба „Срце и душа на платно“, која ќе се одржи на 20 ноември во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево.

Оваа изложба за мене не е само уште една изложба. Во неа има дел од мојата досегашна работа, но повеќето ново – мојата сегашна енергија, искуствата што ги стекнав и желбата да продолжам понатаму.

Ќе бидат претставени дела во кои повторно ги спојувам моите најголеми љубови – портретот, апстракцијата, боите и експериментирањето со необични техники. Срце и душа на платно е токму она што сакам да го оставам зад себе како уметник – не само слики, туку чувства, приказни и трага.

На изложбата ќе бидат претставени околу 30 дела, меѓу кои апстрактни дела и портрети на девојки со кафе. Оваа изложба за мене е уште еден важен чекор во моето уметничко патување. Особено ми значи што моите дела беа дел од групни изложби во Ровиго и Падова, како и од меѓународни уметнички проекти. Секое од овие претставувања за мене е доказ дека уметноста може да ги премине границите и да создаде врска меѓу луѓето и различните култури.

Насловот „Срце и душа на платно“ има многу лично значење за мене. Секоја слика што ја создавам носи дел од мојата душа, моите чувства, мисли и моменти од животот. Не сакав изложбата да има само убав наслов, туку име што навистина ќе ја отсликува мојата уметност.

Верувам дека зад секоја слика стои барем едно чувство. Не мора секогаш да биде конкретна лична приказна, но секогаш постои некаква емоција или момент што ме поттикнал да започнам да создавам. Понекогаш инспирацијата доаѓа од луѓето, понекогаш од природата, од нечиј поглед, од музика или од сосема обичен момент. Има слики во кои внесувам дел од себе, а има и такви во кои оставам простор секој човек да ја создаде сопствената приказна. За мене најубаво е кога некој ќе застане пред моја слика и ќе ја доживее на начин на кој јас можеби воопшто не сум го замислила. Тогаш уметноста добива нов живот.

Моите планови се да продолжам да создавам, да истражувам нови техники и да ја претставувам мојата уметност на што повеќе места. По изложбите и групните претставувања во Македонија и Италија имам уште поголема желба да остварам нови меѓународни соработки. Особено сакам моето творештво да добие поголем простор и во македонските градови, затоа што сметам дека уметноста треба да биде достапна до сите.

Не сакам да застанам на она што досега сум го постигнала. Имам многу идеи, нови мотиви и техники што сакам да ги истражам. Верувам дека најубавите уметнички приказни допрва доаѓаат”, додаде Стефани.

Сподели: