Се подготвуваат документите за да се повлече одлуката за бонусите што си ги доделиле членовите на ДИК

Сподели

“Одлуките за надоместок на вработените во ДИК се носени врз основа на закон, но и врз основа на одговорноста, сложеноста и на обемот на работните задачи и врз основа на извештаите за работа на изборната администрација”, е реакцијата на ДИК, откако амбасадорот на САД, Џес Бејли, рече оти слушнал дека членовите на ДИК зад затворени врати едногласно си изгласале да добијат четири дополнителни плати по завршувањето на локалните избори во октомври годинава.

„Претседателот и членовите на изборните органи и изборната администрација имаат право на надоместок во согласност со член 19 од Изборниот законик, што се утврдува со акт што го донесува ДИК. Правилникот за утврдување на критериумите за исплата на надоместокот на изборните органи е донесен по распишување на изборите во согласност со определениот буџет одобрен од страна на Собрание на Република Македонија и тој е објавен на веб-страницата на Државната изборна комисија. Државната изборна комисија од распишување до завршување на изборите е во постојано заседание, континуирано, без оглед на неработни денови и празници и работниот ден најчесто трае повеќе од 20 часа“, се вели во реакцијата на ДИК.

Државната изборна комисија попладнево во 14 часот ќе одржи вонредна седница, потврди претседателот на Комисијата Александар Чичаковски.

Се подготвуваат документите за да се повлече одлуката за бонусите што си ги доделиле членовите, но имало дилема и се разгледувало дали истото да важи и за службите односно како за нив да не се повлекува одлуката.