Климатските промени и еколошките предизвици во фокусот на изложба во МСУ

Сподели

 

Уметниците Слободанка Стевчевска и Денис Сарагиновски (ОПА), Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Зорица Зафировска и Никола Узуновски заедно со Тихомир Топузовски, раководител на проектот, Ивана Васева, кураторка и Кирил Арсовски Пржо, биолог и еколог, интензивно се подготвуваат за престојната изложба со работен наслов „Пејзаж на вознемиреност“ која треба да се отвори на почетокот на март во Музејот на современата уметност.
 
 
 
 
Изложбата е резултат на петмесечно истражување кое се одвиваше на неколку локации низ земјава како Велес, Битола, Преспа и Скопје во соработка со членови на Еколошко друштво од Велес „Вила Зора“, иницијативата „Битола на Точак“ и јавната институција Национален парк Галичица, со кои се дискутираше за можни соработки, користење на уметнички пристапи и методлогии преку кои ќе се влијае до соодветните институции за решавање на низа ургентните проблеми.
 
 
На последната работилница, која се одржа на 17 декември во Скопје се зборуваше за историското и модерното значење на јавните зелени површини и паркови на градот кои неповратно се губат поради големите градежни иницијативи, создавајќи таканаречени „топлински острови“ кои ја зголемуваат температурата во градот, особено во централното подрачје. Исто така, преку работилницата во Скопје се разгледуваа поранешните како и новите екосистеми во урбаните средини како споменикот на природа Гази Баба и заштитниот предел Водно.
 
Оваа иницијатива е дел од проектот „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени) чијa основа цел е да создаде услови за квалитетна размена на знаења, соработки, едукација и уметничка продукција, преку која уметниците, истражувачите, еколозите, активистите и граѓаните во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени. Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата Отворено општество – Македонија).