Седум години „Лице в лице”

Сподели

 

На 14.септември, на плоштадот Ѓерѓ Катриоти-Скендербег ќе се одржи роденденска дружба по повод 7 години “Лице в лице”.

Повикување на будност, акција, дејствување за промени, совладување предизвици, предлагање решенија, едукација, демаргинализација, креирање поинклузивна средина, подигнување свест, овозможување достоинствена работа за излез од сиромаштијата, кршење на предрасудите и стигматизацијата…

Сето ова е само дел од седумгодишното постење на #Лицевлице, нашата платформа за одржлив развој, која неуморно пркоси на аномалиите кои се дел од опкружувањето во кое живееме, но, притоа јасно посочувајќи кои се алтернативите сите заедно да придонесеме за градење иднина која ќе нуди еднакви можности за сите.

Оваа мисија, за среќа, станува императив и на многу наши пријатели, соработници, граѓани, институции, компании… а нам целта ни е токму тоа, да делуваме партнерски и осмислено, затоа што промените доаѓаат само од свесно и будно општество.

Токму затоа, одлучивме овој роденден да го прославиме во рамките на Неделата на граѓански организации, чиј организатор е Civica Mobilitas , и сите заедно активно да се вклучиме во концептот на граѓанско учество, и тоа преку акцијата „Ја движам промената, читам „Лице в лице”.
На саботната средба кај Старата скопска чаршија, (плоштад Скендербег) и паркот Ибни Пајко, посетителите ќе имаат можност:
– да „влезат” во униформата на „Лице в лице” и да ги поддржат продавачите во нивната заложба за подобар и подостоинствен живот; и
– да напишат роденденска честитка по повод 7-миот роденден на „Лице в лице”, да се фотографираат и да ја споделат на социјалните мрежи со официјалниот хаштаг #иЈасЧитамЛИЦЕВЛИЦЕ.

На овој роденден ќе го промовираме и нашиот нов број, 37-то издание на „Лице в лице”, посветено на Глобалните цели за одржлив развој, (SDGs), кои претставуваат јасна визија за одржлива иднина во делот на заштита на животната средина и на нашата планета, во целост. Оваа исклучително важна порака ќе ја донесат токму нашите вредни продавачи.