„Скопје: палеонтолошки град“ – креативна и едукативна боенка на ХАЕМУС

Сподели

 

Деновиве во издание на ХАЕМУС излезе „Скопје: палеонтолошки град“, креативна боенка за деца. Ова е прва публикација во рамките на едицијата „Млад истражувач“, едукативна програма создадена од ХАЕМУС којашто има педагошки карактер.

Боенката е намената за сите млади кои сакаат да го откријат светот на палеонтологијата, да научат за диносаурусите, мамутите и многу други животни кои се одамна изумрени, бидеќи на интересен и креативен начин ги воведува во живиот свет на минатото. Ќе дознаат што се фосили, како да ги најдат и препознаат, на кој начин се врши нивното истражување од страна на палеонтолозите, местата во Скопје кадешто се пронајдени нивните остатоци и се разбира, каде можат да ги видат тие фосили откако се ископани. Во палеонтолошките тајни ги воведуваат Ана и Јане, кои како млади палеонтолози истражувачи се обидуваат да им помогнат на најмладите во нивните сознанија за оваа наука.

Автор на оваа боенка е Биљана Гаревска, магистер по палеонтологија. Уредник е Василка Димитровска, а илустрациите се на Бисера Наумовска. Боенката е издадена со кофинансиска поддршка од Градот Скопје, во рамките на годишната програма за поддршка на проекти од значење за културата.