Алтернатива Настани

Снежана Мелник – изложба на акварелни портрети од живи македонски композитори

Сподели:

 

Снежана Мелник е родена  во источна Украина  1979 година.
Завршила студии на Националниот Универзитет во источна Украина
(моден дизајн). Студирала  и алтернативна психологија што понатаму
влијае врз нејзиниот  поглед кон светот и значењето во животот.

Во 2013 година со своето  семејство се сели во Македонија. За првпат  во 2015 година учествува на групна изложба. Од 2016 до 2020 година организира 12 самостојни изложби и учествува на 30 меѓународни ликовни колонии, а била и дел од меѓународните групни изложби кои се одржале во Одеса-Украина, Бугарија, Албанија, Кипар, Турција, во Велес, Битола, Струмица, Кавадарци, Куманово, Радовиш, Гостивар, Струга и Скопје.

Многу често слика портерти и активно работи на теми како што се човечки емоции, психолошки слики, човечки односи и сексуалност како и индустриски пејзаж.

Доживување на убавини и запознавањето на себе е тема на цел еден циклус насловен како Еротика.
Оваа година и беше најплодна на уметничко поле. Учествуваше на
изложби во МОБ, МКЦ, во спомен куќата на Мајка Тереза, во бифе
Тафталиџе (со 60 портрети), во Албанија и Бугарија.

Неодамна започна успешна соработка со платформата Аuroom.store каде се изложени за продавање нејзините уметнички дела во акварел техника, акрил, масло на платно и модерна уметност, делата од циклусот еротика и портрети по нарачка.

На 9-ти декември (среда) од 19 часот во Фоајето на Националаната опера и балет како дел од третата сезона на 43. Денови на македонска музика ќе биде поставена нејзина изложба на акварелни портрети од живи македонски композитори. Од 20 часот следува  концерт на светски познатиот македонски тенор Благој Нацоски и оркестарот „Профундис“ под диригентска палка на Ѓурѓица Дашиќ. Фестивалот
„Денови на македонска музика – ДММ“ а воедно и горенаведениот настан е во организација на Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ. 

А крајот на годинава Мелник ќе го заврши со учество на online групна изложба, проект насловен како: ”Ослободени” заедно со Христина Тарабунова, Елена Кичевска, Милена Јаневска, Доротеј Нешовски, Крсто Анастас Глигоријадис, Висар Мехмеди и Лидијa Цаковиќ -Мојсовска, кои со своите дела говорат против општествени предрасуди, табуа и цензура во уметноста.

Сподели: