Свечено отворање на 10. Меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I”

Сподели

 

Во Музејот на македонската борба денеска ќе биде отворен јубилејниот 10-ти Меѓународен научен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I”.

На свеченото отварање обраќање ќе имаат проф. д-р Митко Б. Панов, претседател на Меѓународниот организациски и научен комитет, кој ќе го промовира и Зборникот на трудови од минатогодишниот 9-ти „Денови на Јустинијан I”,  проф. д-р Џузепе Маино, коорганизатор од Универзитетот во Болоња, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и член на организацискиот одбор, м-р Даниела Николова, директор на Музејот на македонската борба, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, како и и претставници од Град Скопје и Министерството за култура.

 

 

Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустиниан I” претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан I и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.

Симпозимот ќе се реализира со комбинирано физичко и онлајн учество. На осумте сесии кои ќе се одржат во текот на трите работни дена во Музејот на македонската борба и преку online платформата Zoom, свои реферати ќе имаат 55 еминентни проофесори и научници од 22 земји, како Италија, САД, Велика Британија, Германија, Франција, Канада, Русија, Украина, Полска, Чешка, Словачка, Холандија, Шведска, Финска, Австрија, Србија, Грција, Хрватска, Бугарија, Романија, Турција.

Сеопфатниот тематско-содржински концепт на рефератите, потврдува дека симпозиумот „Денови на Јустинијан I”, прераснува во еден од најпрестижните научни собири од ваков вид во регионот и пошироко. Со тоа „Деновите на Јустинијан I”, ја постигнува клучната цел за промоција на културното и историското наследство на нашата земја, со што  се етаблира како културен и историски бренд, кој ги поврзува и обединува земјите и нациите кои го споделуваат византиското и средновековното наследство, како и научниците од регионот, Европа и ширум светот.