На 18 март, од 19 часот, во „Лабораториум“, целовечерен поетско-музички настан по повод Светскиот ден на поезијата, во организација на Издавачкиот центар ТРИ.
Градот доаѓа на сцената на „Лабораториум“ – 30-тина истакнати македонски поети од сите генерации ќе настапат со своите стихови. Ноќта е посветена на зборот, а секако, неразделна од зборот е и музиката.
“Ќе ја оживееме оваа врска обединувајќи ги стиховите на поетите со музиката на Зарина Првасевда, а по поетското читање ќе следува и забава со иновативните звуци на „Поетроника“. Ви ветуваме незаборавно искуство.
Ќе бидат прочитани и песни што оставиле трага врз македонската поезија, а чии творци повеќе не се меѓу нас. Воедно, овој поетско-музички собир ќе биде и најава за „Антологија на патот“, зашто приредувачката на „Антологија на копнежот“, Виолета Танчева-Златева, продолжува со својата мисија за забележување и вреднување на придонесот на секој поет од домашната сцена.
Поезијата не е само традиција, туку и живо дишење на градот, енергија што се пренесува од генерација на генерација. „Лабораториум“ станува простор во кој младите и искусните поети ќе се сретнат, зборот ќе стане музика, а музиката заеднички јазик.”
Настанот е поддржан од Општина Центар, а влезот е слободен. Добредојдени сте сите!


