Тошковски: Значително намален бројот на жртви во сообраќајот

Сподели:

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше и се обрати на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030 година, истакнувајќи дека заштитата на човечкиот живот мора да биде највисок приоритет на институциите и на целото општество.

Министерот посочи дека во изминатите 35 години на македонските патишта годишно во просек животот го губеле околу 150 лица, што ја потврдува потребата од системски пристап и континуирани активности за подобрување на сообраќајната безбедност.

Тошковски ги презентираше и најновите податоци, според кои во првите десет месеци од 2026 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 84 лица, наспроти 117 во споредбениот период минатата година, што претставува 33 помалку загубени човечки животи. Тој нагласи дека станува збор за значително подобрување на состојбите, особено ако се има предвид дека и во годините со драстично намален сообраќај, како 2001 и 2021 година, бројот на загинати бил повисок.

Говорејќи за новата Национална стратегија, Тошковски нагласи дека таа поставува јасна цел – до 2030 година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди да се намали за 50 проценти во однос на 2024 година. Стратегијата се темели на принципот „Секој живот е важен“ и предвидува заедничко делување на институциите и општеството преку превенција, едукација, подобрување на сообраќајната култура и примена на современи технологии.

Министерот информираше и дека напорите на Македонија за унапредување на сообраќајната безбедност добиваат меѓународно признание, при што Министерството за внатрешни работи е меѓу петте селектирани институции за потенцијална награда на престижниот светски полициски самит во Дубаи, заедно со полициски служби од држави како Сингапур и ОАЕ.

Сподели: