Трет циклус на Париски рефлексии по повод Меѓународниот ден на франкофонијата

Сподели

 

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на франкофонијата, в петок (22 март) во Националната галерија, објект Чифте амам, ќе биде отворен третиот дел од циклусот изложби „Париски рефлексии“.

Изложбата претставува избор на дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој или изложби во Париз или во дел од нивното творештво биле поврзани со него.

Од Националната галерија на Македонија велат дека во оваа селекција се вклучени автори кои се родени по 1930 година, ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20 век, а се значајни и по нивната педагошка дејност: Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Васко Ташковски, Кирил Гегоски, Милош Коџоман, Виолета Чауле, Таки Павловски, Рубенс Корубин, Доне Миљановски, Благоја Николовски (сликари), Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски-Дада и Борис Николовски (скулптори).

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.

Сите претставени дела се дел од колекцијата на Националната галерија.

Изложбата ќе трае до 20 април.