Алтернатива Настани

Трибина – изложба за Јосиф Михаиловиќ – творецот на модерното Скопје

 

Музеј на Град Скопје, Трибина – изложба, посветена на основоположникот на модерно Скопје Јосиф Михаиловиќ, 15.ноември

Трибина – изложба, посветена на основоположникот на модерно Скопје, кој со својата визија и умeшност успеал да ги даде првите урбани правци во кои треба да се развива главниот град.

Јосиф Михаиловиќ е роден во Тресонче. Тој бил градоначалник на Скопје од 1929 до 1936 година, а потоа во 1939 година повторно бил назначен за прв човек на градот, функција на која останува до крајот на својот живот кој трагично завршува во 1941 година. Во текот на својот речиси десеттогодишен мандат, тој својата активност ја насочил кон модернизација на градот и неговото комунално уредување.

На почетокот на 1929 година, за да добие целосен приказ на состојбите во Скопје, тој повеќе пати го надлетувал градот и околината. По авионското снимање го изработил Генералниот регулационен план на Скопје (усвоен во 1930 година) и извршил геодетски премер на градот. За таа цел, бидејќи градот немал доволно кадри, Јосиф се вклучил во планирањето, проектирањето, мерењата и изведувањето на работите, а вклучил од околните школи за геометри 450 ученици и 25 дипломирани геометри на кои им била потребна работна пракса. Тие освен премер биле ангажирани и за попис на населението.

Со добро планирање, по усвојување на планот во 1930 година, за задоволување на потребите со електрична струја на градот првично била изградена термоцентрала под Кале, а потоа на реката Треска започнала и изградбата на хидроцентралата „Матка“ (пуштена во погон 1938). Во истиот период започнала изградбата и на водоводот Рашче кој е завршен во 1936 година и се поврзува со Скопје во 1937 година. За заштита на градот од поплава од водите на реката Вардар, го изградил насипот во Градскиот парк и ја извршил и регулацијата на реката Серава.

За време на неговиот мандат се градат повеќе јавни објекти меѓу кои: училишта, општински згради, Народното Собрание, Општинската зграда, Градската Болница, Хигиенскиот завод, Заводот за социјалното осигурување, Старата железничка станица, Народната Банка, Трговско-индустриската комора, Лекарската Комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, Офицерскиот дом, Конзервната фабрика „Вардар”, бетонските мостови на Вардар, биле уредувани улици, Плоштадот, Золошката градина и многу други.

Јосиф Михаиловиќ се занимавал и со архитектонско проектирање. Позначајни реализирани објекти: зградата на Црвениот крст во Скопје (1930), сопствената индивидуална куќа во Скопје (1939); Фабриката за текстил во Скопје (1939). Во обликувањето на зградата се инспирирал од народната архитектура. Исто така се занимавал и со публицистика.

Граѓаните на Скопје особено го ценеле градоначалникот на Скопје кој знаел пеш или со пајтон да шета низ градот и да ги бележи сите проблеми.
Првиот човек на Скопје Јосиф Михаиловиќ починал на 11 март 1941 година, само еден месец пред почетокот на Втората светска војна. Тој починал на скопската клиника за време на хирушка интервенција за вадење на слепо црево. Грѓаните на Скопје достоинствено го испратиле до последното живеалиште. Во погребната поворка која ја следеле повеќе од 15 илјади граѓани, голем дел биле облечени во мијачки народни носии. Целата церемонија траела повеќе од пет часа, а повеќе од 20 лица одржале проштални говори.

Сподели: