ТУРЦИЈА: Терористот ја призна вината, зад нападот во клубот „Реина“ стои ДЕАШ

Сподели

Гувернерот на Истанбул, Васип Шахин, изјави дека лицето што изврши напад на истанбулскиот клуб „Реина“ на новогодишната ноќ ја призна вината, и оти е јасно тоа дека нападот е сторен во име на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).

Терористот Абдулгадир Машарипов е уапсен синоќа, во истанбулскиот кварт Есенјурт, а гувернерот на Истанбул, Васип Шахин, денес сподели повеќе информации за апсењето.

Тој изјави дека безбедносните сили по терористичкиот напад воделе многу сериозна акција и вложиле голем напор, а резултат од тоа е синоќешното апсење на терористот во Истанбул.

„Се работи за Абдулгадир Машарипов, роден во 1983 година во Узбекистан. Се едуцирал во Авганистан, знае четири јазици и е многу добро подготвен терорист“, изјави Шахин.

„Терористот ја призна вината. Во исто време се совпаѓаат и неговите отпечатоци од прстите“, додаде тој.

Шахин нагласи дека постојат претпоставки оти Машарипов во јануари 2016 година престојувал во Турција.

„За време на полициските акции, прегледани се 7.200 часа од снимките на безбедносните камери. Во акцијата беа вклучени 2.000 полицајци, вклучувајќи и специјални единици“, откри Шахин, и додаде дека е многу јасно оти терористичкиот напад е сторен во име на ДЕАШ.

Тој изјави дека турската полиција вложила големи напори и дека е водена многу детална истрага. Претресени се 152 локации.

„За време на операциите беа приведени 50 лица. Освен тоа, 168 лица се проследени до надлежните институции поради сомнеж дека се работи за странски терористи. Кај терористот се пронајдени 197.000 американски долари. Пронајдени се два пиштола и шаржери“, изјави гувернерот на Истанбул, Васип Шахин.