ТВОЈА ПАРТИЈА бара актуелната власт да започне процедура за утврдување на кривична одговорност на Претседателот Иванов за кршење на Уставот

Сподели

 

ТВОЈА ПАРТИЈА со интерес ги следи активностите поврзани со Апликацијата бр. 26233/18 од Киро Тодоровски и уште двајца поднесена до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) против Република Северна Македонија (во врска со актот за помилување на тогашниот претседател Ѓорге Иванов).
ТВОЈА ja поттикнува власта во својот одговор до ЕСЧП да обрне посебно внимание на:

1. Податокот дека беше дадено колективно помилување на група луѓе кои беа наведени само со име и презиме, без други податоци за идентификација, без спомнување на конкретните случаи за кои се товарат и без образложение зошто Претседателот решил да ги помилува.

Ова е во спротивност со објаснувањето дадено од страна на Уставниот суд во врска со одлуката У.бр.19/2016-1, каде што се утврдува дека “Тоа што Претседателот на Републиката има ваква надлежност, не значи дека би се дало помилување за секој сторител, за секое сторено кривично дело, туку оваа надлежност ќе се оствари во оние случаи кога Претседателот ќе оцени дека треба да се даде помилување, земајќи ги во предвид и карактеристиките на сторителот, но и делото кое е сторено…“, односно, дека “Помилувањето е поврзано со индивидуализација на сторителите на кривичните дела …“

2. Фактот дека помилувањето не може да се смета како дел од судска постапка (посебно заради тоа што може да биде дадено и во случај кога воопшто не е започната ваква постапка), туку како одлука донесена од страна на орган на извршната власт (Претседателот) која согласно тоа може од истиот орган и да биде повлечена. Дека не станува збор за судска одлука се изјаснил и Уставниот суд во одлуката У.бр.19/2016-1 каде што утврдува дека станува збор за:

– “… акт на милост на Претседателот на Републиката, кој не одлучува во својство на судски орган, туку како државен орган кој го добил својот легитимитет од граѓаните преку непосредни избори“.

– “ … неприкосновено уставно и законско право на Претседателот на Република Македонија, кое може да го користи по своја оцена во рамките на постапка која е утврдена со закон и поради причини кои може да не се од кривично – правна природа (на пример, социјални, здравствени, политички причини или од причини на правичност), при што не се навлегува во фактичката и правната оцена на судот.“

3. Отсуството на правен основ за донесување на одлука за помилување од страна на Претседателот Иванов без почитување на предвидените процедури во Законот, со оглед на тоа што во моментот на донесување на оваа одлука не постои членот 11 на кој се повикува во одлуката. Со укинувањето на промените од 2009 година, не е автоматски вратен во сила овој член (што би било давање на законодавни ингеренции на Уставниот суд).

ТВОЈА ПАРТИЈА бара Владата да покаже и докаже дали навистина вака ги толкувала постапките на тогашниот Претседател или си „играла“ правни толкувања.
Ако навистина верувала и верува дека Иванов ја злоупотребил својата позиција, тогаш НЕОПХОДНО Е актуелната власт да започне процедура пред соодветните судски органи за утврдување на кривична одговорност на Претседателот Иванов за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.

Исклучително важно е да се истакне контекстот на донесувањето на одлуката за помилување, а што е дел од повеќегодишна ситуација на големи повреди на човековите права и неказнивост на лица од власта, кои се субјект на помилувањето – се наведува во соопштението на ТВОЈА партија.