Утврден потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата

Сподели

 

Жири- комисијата за наградата „Браќа Миладиновци“ ја утврди  заедничката листа на потесен избор од пет  книги, од кои ќе се избере добитникот на наградата.

Согласно, Правилникиот за наградата „Браќа Миладиновци“, членовите на Жири-комисијата работеа во две фази: поединечна и заедничка. Во поединечната фаза, секој член на Жири-комисијата работеше самостојно, без да ги знае останатите членови и изготви негов личен потесен избор од пет книги кои ги рангираше од прво до петто место.

Откако индивидуалните избори на секој член од Жири-комисијата беа доставени до дирекцијата на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, беше свикан заеднички состанок на кој членовите на Жири-комисија почнуваат со заедничка работа утврдуваат заеднички избор од пет книги  според бројот на гласови кои одделните книги ги добиле при поединечните избори на Жири- Комисијата и според гласањето на мнозинството на комисијата

Врз основа на индивидуалните избори, беше направен заеднички избор од пет наслови. Редоследот на книгите во заедничкиот избор не одразува фаворизирање на насловите туку е направен по азбучен ред, според презимињата на авторите. Утврдени се следните пет книги:

1. Башевски Димитар – „Дни, години“, Слово

2. Коцев Јосип – „Две мориња“, Антолог

3. Михаилова Бошнакоска Гордана – „Мед и младост“, Макавеј

4. Трајковски Дејан – „Филмски песни“, Бата прес милениум

5. Ќулавкова Катица – „На врв на јазикoт“, Арс Либрис

Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“   за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија, објавена на македонски јазик, што ја доделува  НУМ „Струшки вечери на поезијата“ ќе биде прогласен на 28.07.2023 г. (петок) на прес-конференција со почеток во 10 часот во НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје. На прес-конференцијата ќе присуствуваат членовите на Жири-комисијата, а ќе бидат поканети и авторите од потесниот избор.

На Конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ кој беше распишан од 31 мај до 25 јуни, пристигнаа вкупно 35 наслови. НУМ „Струшки вечери на поезијата“ им се заблагодарува на сите автори и издавачи што конкурираа за наградата.