Ретроспектива на култни филмови на “БРАЌА МАНАКИ“ – ПЕРСОНА

Сподели

 

Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.
 
Во Кинотека филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ ќе се прикажуваат секоја среда од 20:00, а во Центарот за култура Битола секој понеделник од 20:00.
 
Ретроспективата ќе започне на 7 февруари со филмот ПЕРСОНА (1966, ИМДБ 8.1), снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда Златна Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Режисер на филмот  е постојаниот соработник на Никвист, големиот Ингмар Бергман.
 
7 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“ ПЕРСОНА (Persona)
 
Игран филм, Шведска
1966, 84 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Кинематографер: Свен Никвист (Sven Nykvist)
Улоги: Биби Андерсон, Лив Улман (Bibi Anderson, Liv Ullman)
Познатата театарска актерка Елизабет Воглер, по преживеаниот мозочен удар, запаѓа во состојба на шок и замреност. Целосна тишина. Нејзиниот личен доктор ја советува да земе подолг одмор од професијата и да се посвети на рехабилитација. Во придружба на медицинската сестра Ана, Елизабет заминува во сопствената мала викендичка на брегот на Балтичкото море. Во текот на следните неколку недели, Ана и Елизабет развиваат посебен, по многу нешта и специфичен, взаемен емотивен однос.
Брилијантно одглумен од Лив Улман и Биби Андерсон, мајсторски снимен од редовниот соработник Свен Никвист, ПЕРСОНА е еден од најдобрите филмови на Ингмар Бергман, а дефинитивно еден од најбитните филмски ракописи на 20-тиот век. Кино модернизам на највисоко ниво, комбинација на психолошка драма, егзистенцијализам и карактеристичен скандинавски сензибилитет. Анализиран и толкуван од многу филмски теоретичари, ПЕРСОНА е своевидна целулоидна реплика на Јунговата теорија за личноста, истовремено поставувајќи повеќе прашања поврзани со природата на филмската креација. Многумина сметаат дека токму овој филм е ремек-делото на Бергман, magnum opus во рамките на експерименталното кино. ПЕРСОНА е истовремено интимен и комплексен филм кој инспирирал различни филмски дејци, од Роберт Алтман до Дејвид Линч.
Sven Vilhem Nykvist е веројатно една од најмаркантните фигури на седмата уметност. Филмски снимател препознаен по неговата минималистичка, прецизна структура на кадрите, и по играта со светлината и просторот. Работел на најпознатите филмови на неговиот пријател и колега Ингмар Бергман, за што има добиено два Оскари. Никвист е прв меѓународен добитник на наградата Златна Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Редовно соработувал и со величини како Андреј Тарковски, Роман Полански, Вуди Ален, Луј Мал, Филип Кофман, Боб Рафелсон, Фолкер Шлендорф. Се потпишал и како автор на неколку документарни остварувања.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари