Муцунски од Израел: Директна авиолинија, посилни економски врски и унапредување на соработката во туризмот

Сподели:

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за израелскиот весник „The Jerusalem Post“, дадено во рамките на неговата прва посета на Израел, го истакна потенцијалот РС Македонија да се позиционира како важна влезна точка кон Европа за израелските туристи, компании и инвеститори.

Во тој контекст, посебен акцент беше ставен на иницијативата за воспоставување директна авиолинија Тел Авив–Скопје или Тел Авив–Охрид, со цел дополнително да се поттикнат туристичката размена, деловните контакти и економското поврзување меѓу двете земји.

„Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети“, истакна Муцунски.

Министерот нагласи дека амбицијата оди подалеку од туризмот. Стратешката местоположба на државата на пресекот на двата значајни европски транспортни коридори – Коридорите VIII и X – како и инвестициите во енергетската поврзаност, создаваат можности таа да биде влезна точка за израелските компании кои сакаат да го прошират своето присуство на европските пазари.

„Сакаме да бидеме порта кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Можеме да бидеме и влезна точка за израелските инвеститори кон европски пазар чиј потенцијал сè уште не е целосно искористен од израелската бизнис-заедница, но и пазар за извоз“, порача тој, посочувајќи дека токму во овие области постои значителен заемен интерес.

Во интервјуто беше истакнат и поширокиот потенцијал за унапредување на соработката во земјоделството, управувањето со води, безбедноста, иновациите, туризмот, здравството и образованието, како и во инвестициите и одбранбената индустрија.

Муцунски нагласи дека одличните билатерални односи со Израел треба да се подигнат на следно ниво и да се преточат во поконкретна соработка во повеќе области од заемен интерес. Притоа, посочи дека засилената динамика на политички контакти е резултат на јасна определба на Владата за натамошно продлабочување на партнерството.

Сподели: