Алтернатива Настани

ВОЛОНТЕРСКА БОРБА ЗА СПАС НА ЗАГРОЗЕНАТА ПЕПЕРУТКА ОД ГАЛИЧИЦА

Сподели:

13700220_1755393718072611_8629108710533799091_n-1-702x336

Тревните ливади во Националниот Парк Галичица се едно од последните живеалишта на Аполоновата пеперутка, која се наоѓа на листата на загрозени видови на Интернационалната унија за конзервација на природата. Но, бидејќи овие површини се планирани да станат ски патеки, тоа би значело трајно оштетување на живеалиштата на овој вид пеперутка, а со тоа и загрозување на нејзиното присуство на планината.

Токму ова е причината поради која волонтерите од иницијативата Охрид СОС решија да започнат кампања, која опфаќа продавање на дизајнирани маички со ликот на пеперутката. Дизајнот е дело на Владимир Трајановски од Охрид, кој со овој дизајн беше еден од тројцата победници на Конкурсот посветен на националните паркови во организација на Американската амбасада во Македонија.

Насловен како „Последниот лет на Аполо(новата пеперутка)“, дизајнот укажува на опасноста од истребување на овој заштитен вид, а со купување на маичките, граѓаните донираат за идни настани и активности на иницијативата.

„Оваа наша прекрасна пеперутка стана еден од симболите на нашата борба за заштита на природата на Охридското езеро. За многумина, загуба на еден вид пеперутка можеби не значи ништо, меѓутоа таа една пеперутка е дел од сложен екосистем каде опстанокот на еден вид е тесно поврзан со опстанокот на сите останати видови на таа површина“, велат од Охрид СОС за Радио МОФ.

Иницијативата настана во 2015 година, како револт против плановите на Општина Охрид да се измени урбанистичкиот план и да се гради во Студенчишкото Блато, кое претставува природен филтер на езерото и гнездилиште за многу видови. Како дополнителен мотив за нивните акции е и урбанизирањето на крајбрежјето на Охридско Езеро, што според нив, претставува уништување на природните вредности на езерото.

Маичките со ликот на пеперутката може да се добијат за донација од 250 денари за нарачки во Република Македонија, а за странство 4,5 евра плус поштарина. Но, од иницијативата посочуваат дека бидејќи се уште немаат свои канцеларии, ниту буџет за поштарина, маичките се делат низ повеќето градови каде има волонтери.

„Интересот е голем, и дома и во странство, и многу ни е драго. Многу е интересно тоа што од странство најмногу нарачки добиваме од иселеници од Македонија. Сакаме луѓето да ги носат маичките, за оние кои ќе ја видат да прашаат за што станува збор. Зошто аполонова пеперутка и зошто последен лет?“, велат од Охрид СОС.

Тие се надеваат дека ќе се спречат сите проекти кои, според нив, значат уништување на природата, но и дека заеднички ќе се најдат одржливи решенија, кои ќе донесат напредок на регионот преку развој на еколошко напредни иницијативи.

Но, како што велат, општината останува глува на нивните барања. Тие во неколку наврати се обиделе институционално да се борат против спроведувањето на активностите во Националниот парк Галичица, но никако да добијат одговор од надлежните.

„Единствена реакција која ја имавме од Општината беше исмевање на нашата кауза, обвинувања дека работиме за опозицијата и институционални хајки насочени кон членови на ОхридSOS“, велат од иницијативата.

Но, и граѓанската свест е се уште на многу ниско ниво, сметаат од Охрид СОС. Последен и најочигледен пример за тоа, според нив, се фотографиите кои ги добиле, а на кои се прикажани купишта отпад во водите на реката Црни Дрим во Струга. Меѓутоа, тие се оптимисти и велат дека нема да се откажат од нивната борба против несовесните граѓани и мегаломанските проекти кои ја уништуваат природата.

„Сакаме да ги информираме со научни факти за тоа како најдобро да се заштити природата за да можеме од неа да живеме долго време, а не да си ја сечеме гранката на која седиме“, посочуваат од Охрид СОС.

Охрид СОС

Сподели: