Заев-Рикер-Палмер: Датумот за старт на преговорите со ЕУ е од интерес и на САД

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров  на маргините на 74 – тото Генерално собрание на ОН во Њујорк се сретнале со високите претставници на Стејт Департментот на САД, помошникот на државниот секретар Филип Рикер и специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, соопшти Владата.

На средбата, премиерот Заев истакнал дека Северна Македонија е целосно фокусирана во овој период на обезбедувањето на датумот за старт на преговорите со ЕУ во октомври, како и за напредокот во ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО „двете стратешки цели за државата за чие остварување Соединетите Американски Држави дадоа огромен придонес“.

Овие цели за Северна Македонија произлегуваат и од Договорот за стратешко партнерство со САД, во кој евро – атлантските интеграции на земјата се приоритет за обезбедување на стабилноста и сигурноста на земјата, како и на регионот.

 

 

На средбите се разговарало и за продлабочување на трговската и економската соработка на двете земји.

Претставниците на Стејт Департментот на САД, помошникот на државниот секретар Филип Рикер и специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, покажаа интерес и за актуелните политички случувања во нашата земја. Тие ја нагласија нивната, и поддршката на САД, во спроведувањето на реформите, особено во делот на правната држава, владеењето на правото и борбата против корупцијата, како прашања од важност за да се оствари очекуваната цел – датумот за старт на преговорите со ЕУ, што е од интерес и на САД се вели во владиното соопштение.