ЗНМ: Петти ботски напад врз „Слободен печат“, цензура без цензор

Сподели:

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осудува новиот ботски напад врз Инстаграм профилите на „Слободен печат“ од 13 октомври 2026 година. Според редакцијата, нападот се одвива по истиот образец како и претходните. Голем број лажни профили, главно од странство, за кратко време масовно реагираат на објавите на медиумот. Ова не изгледа како случајна или вообичаена активност на социјалните мрежи, туку како координиран притисок врз медиумот.

Ова е петтиот бран на вакви напади врз „Слободен печат“ за помалку од една година. Првиот беше на 6 ноември 2025 година, по што медиумот првпат го заклучи својот профил. Следуваа напади на 25 декември 2025 и на 3 јануари 2026 година. На 5 и 7 април 2026 година двата профила на медиумот беа повторно цел на координирана активност, со околу 10.000 лажни лајкови за само 15 до 20 минути, над 500 лажни следачи за пет минути, а потоа и над 10.000 барања за следење.

Последиците од ваквите напади не се само технички проблем. Кога илјадници лажни профили за неколку минути ќе почнат да следат или масовно да реагираат на содржините на еден медиум, алгоритмите на платформата можат таквата активност да ја препознаат како сомнителна. Во Србија веќе имаше случаи во кои медиуми беа привремено суспендирани по вакви координирани напади со лажни профили:

Проблемот е што ваквите редакции обично имаат ограничени можности сами да се заштитат. Заклучувањето на профилот може привремено да го намали нападот, но истовремено го ограничува пристапот на нови читатели до содржините. Наместо новинарите да се занимаваат со својата работа, редакцијата троши време на документирање на нападот, проверка на профилите и комуникација со платформата. На крајот, последиците ги чувствува и јавноста, бидејќи содржините на медиумот потешко стигнуваат до читателите.

Со правна помош од ЗНМ, „Слободен печат“ поднесе пријави до МВР во ноември 2025 и во април 2026 година, а по последниот напад се подготвува нова пријава. ЗНМ ги повикува МВР и Основното јавно обвинителство да ги разгледаат сите досегашни напади како дел од ист образец, да ги обезбедат потребните податоци од „Мета“ и да утврдат дали зад нив стои организирано дејствување и кој е одговорен за него.

Случајот е пријавен и до „Мета“, како и преку Access Now, меѓународна организација која обезбедува поддршка во случаи на дигитални напади.

Нападите врз „Слободен печат“ се евидентирани и во базата на мрежата SafeJournalists.

На редакцијата и се дадени и конкретни насоки за документирање на секој нов напад, зачувување на доказите и пријавување на сомнителната активност, со цел профилите што е можно подолго да останат јавни и достапни за читателите. Тоа е единствениот начин јавноста да остане информирана. Доколку ботските напади продолжат крајниот ефект е цензура без формално да има цензор кој тенденциозно ќе брише текстови.

Во таа насока, очекуваме и од „Мета“ посериозно да реагира на ваквите случаи, да ги открива и отстранува координираните мрежи на лажни профили и да обезбеди брз и директен механизам за поддршка на медиумите кои се цел на вакви напади.

Сподели: