8. април – Меѓународен ден на ромите

Сподели

Денеска, 8. април е Меѓународниот ден на Ромите. На овој датум во 1971 година во Лондон започна Првиот конгрес на Ромите.

По тој повод, дваесеттина години подоцна ОН го прогласија 8. април за Меѓународен ден на Ромите, со цел да се поттикне афирмирањето на ромската култура и да се подигне свеста за предизвиците и проблемите со кои се соочува оваа заедница.

И покрај тоа што во голем број земји се спроведуваат најразлични програми и активности за интеграција на Ромите во општеството, тие се уште се соочуваат со дискриминација во различни сфери од секојдневното живеење. Голем дел од Ромите ширум светот сè уште живеат во гета, нивните деца не се целосно вклучени во образовниот систем, а честопати наидуваат на бариери во пристапот до здравствена заштита.

Во Македонија, Ромите се една од малцинските заедници, која според пописот од 2002 година брои околу 53 879 припадници. Со измените на Уставот од 2001 година, Ромите се признати како народ еднаков со сите останати граѓани.

Како една од најранливите заедници во земјава, Ромите и натаму остануваат на маргините на општеството, и покрај низа чекори и обврски кои ги преземаат надлежните институции за подобрување на состојбите. Особено алармантна е состојбата со децата на улица и со нивното образование, преголемиот број на деца во специјалните училишта, здравственото осигурување, правата на жените и девојчињата од ромската етничка заедница и двојната дискриминација со која тие се соочуваат.

Вчера о Тетово, во пресрет на меѓународниот ден на Ромите, Демократскиот Развој на Ромите Сонце – Тетово и други невладини организации организираа Марш на достоинството и гордоста под слоганот „Поголема видливост на Ромите“.

-Покрај тоа што се наоѓаме во тек на спроведување на Декадата на Ромите, која е официјален документ прифатен од Владата на Македонија сепак е фактот дека Ромите не се видливи не се дел од оштествените процеси. Факт е дека за да се достигне и постигне таа видливост треба многу повеќе да работат не само ромската заедница туку и институциите на системот. Во последен период сведоци сме дека вклученоста на ромската заедница наместо да се зголемува се намалува. Така во секој случај мотото е поради тоа поголема видливост и присатност на ромската етничка заедница во сите сфери на општествено делување, изјави Хасан Идризи од невладината организација Англолипе.

Во Националната опера и балет вечерва ќе се одбележи Меѓународниот ден на Ромите, а по тој повод ќе присуствува и ќе се обрати премиерот Зоран Заев.