БЕСА е клучот, a не ДУИ?! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Жешкото лето носи и жешки релации на политичката сцена непосредно пред локалните избори. Нѐ изненадија и поплавите кои најавуваат и променливи релации во нашиот политички живот. Кого ќе го огрее сонцето, а кого ќе го исфрли поплавата, разговараме со политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.

 

                                              Мерсел Биљали

 

ДЕНЕС: Можно ли е Тетово да стане опасното јаболко на раздорот за постојната владина коалиција, и дали ДУИ и понатаму е клучот за опстанокот на владата?

БИЉАЛИ: Дека се е поврзано за Тетово тоа е ДА, но не се согласувам дека ДУИ и понатаму е клучот за опстанокот на владината коалиција. Туку моментално златниот клуч е кај партијата Беса, а не сум сигурен дека се свесни што среќни карти за играње имаат во раце. Тоа е исто како да ги знаете броевите на лото што ќе паднат, па треба само тикет да пополните. Имено, погрешно е тие да инсистираат на поддршка од СДСМ во првиот круг за локални избори во Тетово. Тоа не може да и успее ниту на ДУИ, оти едноставно тоа не може да функционира при такви спротивставени интереси на коалицијата. Но, партијата Беса кога би имала добро познавање по играњето вешт политички покер, таа би направила нешто што досега се нема случено. Тоа може нејзе да и даде енормно голема сила како субјект. Првин, таа треба да знае дека уникатниот златен клуч за секоја можна влада се наоѓа кај нив. Особено сега кога едни помали партии од постојната коалиција се збунети и не знаат што да прават. Партијата Беса, наместо да инсистира на градоначалничкото место во Тетово, што е тешко достижно за неа дури како општа коалициска поддршка, многу попаметно е таа да игра на друга карта која може да и донесе долгорочен политички профит. Имено таа може да побара како услов за и понатаму да ја поддржи владата, во координација со американците, и кај нас да се воведе една специјална институција за истражување, гонење и судење на криминалот и корупцијата. Нешто слично како СПАК која веќе функционира во Албанија и таа сега сее страв кај секој што кога и да е направил некаков криминал. Таму некои крупни полициски и правосудни структури, потоа еден заменик министер и еден актуелен градоначалник веќе се во притвор. Наскоро се очекува во затвор да завршат и поранешни министри, премиери и претседатели на државата.

 

ДЕНЕС: Мислите дека тоа е возможно и кај нас?

БИЉАЛИ: И Албанците мислеа дека такво нешто е невозможно, па сега гаќите им се тресат. Тоа ни треба нам, со што веднаш би запрел криминалот и корупцијата, а политичките партии би се прочистиле од смрдливите алишта, поинаку би исчезнале од политичката сцена со многу нивни луѓе во затвор. Мислам дека и кај нашите политички партии има чесни луѓе кои воопшто не се среќни поради постојниот криминал во општеството. Замислите и по 30 години ние сеуште не сме на вистински пат, а Србија за десетина години од нула стана економски лидер во регионот. За жал, ние немаме ниту внатрешна понуда за некаков економски развој, а да не зборуваме за изработена меѓународна понуда, соодветно ресурсите што ги имаме, а чекаме да ни дојдат странски инвестиции! Можете да замислите на еден мој пријател му биле потребни цели 12 години за глупа папирологија за да полни вода на некој планински поток, а водата за џабе завршувала во канализација? Сега тој има вработено околу 60 души! Со постојниот менталитет и закони не се прави држава за сегашни луѓе, туку за идни африканци. А нас ќе не снема…

 

ДЕНЕС: Што ако СДСМ и ДУИ не се согласат за таков параправосуден орган?

БИЉАЛИ: Никој доброволно не се согласува освен ако е принуден или пак е голем идеалист, кои ние ги нарекуваме будали. Реков дека картите се кај партијата Беса, па ако во постојната коалиција нема потребна воља или капацитет, тогаш тука е ВМРО, но нејзините водачи првин треба да отидат на поклонување кај Калето наместо во Будимпешта. И наеднаш треба да престанат со тој евтин национализам и патриотизам што евидентно ги држи на дното на општествената релеванција. Истовремено со таков потег, Беса би можела да ја пензионира и ДУИ ако таа партија се спротиставува, а на нејзино место би дошле Алијанса и Алтернатива, кои со досегашното слабо снаоѓање веќе се на работ на амбисот. Со една добро анализирана игра, партијата Беса би се здобила со ептен силен кредибилитет и долгорочна силна позиција. Но, не знам дали сите нејзини четири пратеници се со исти ставови. Без тоа не бидува ништо.

denesmagazin.mk