Дел од театрите размислуваат за претстави на отворено

Сподели

 

Поради пандемијата, со цел да се спречи ширењето на корона вирусот, се затворија кината, театрите, музеите и сите други институции каде што може да се одржуваат масовни собири, настани, концерти и други културно информативни настани. За време на карантинот, во најразличните уметнички изведби може да се ужива од дома преку дигиталните платформи и YouTube каналите.

Театрите го чекаат зеленото светло и препораките од властите. Засега, реализацијата на работните активности е во застој. Од Македонскиот народен театар (МНТ) велат дека ги следат препораките на Владата.

„За нас сè уште нема олабавување на мерките, па поради тоа и сите активности во театарот се стопирани“ изјавија од МНТ за Мета.

Во иста ситуација се и останатите театри во државата. Од Турскиот театар Скопје за велат дека плановите за иднина во однос на продолжување со работата ќе бидат усогласени со одлуките на Владата.

В.д директорот на Албанскиот театар Скопје, Илбер Муртези вели дека и тие чекаат одговор од властите, но дека тој ја предложил идејата за театар на отворено.

„Јас веќе предложив до нашиот ансамбл, во време на пандемија сите претстави што се изводливи, да се адаптираат и да се изведат на отворено, т.е на сцена Кале или евентуално на сцена Чаир“ – вели Муртези.

Слична идеја имаат и од Театар Комедија. Оттаму велат дека ги разгледуваат начините за играње на претставите и веќе имаат нацрт акционен план, но без протокол истиот не може да се реализира или пак да се адаптира.

„Апсолутно размислуваме за опцијата театарски претстави на отворено. Во моментот, според нас таа опција е најприфатлива и веќе сме спремни целосно да одговориме и на тој предизвик. Акциониот план од наша страна е на хартија и само го чекаме зеленото светло. Во овој момент на публиката ѝ е потребна комедијата“ – додаваат од Театар Комедија.

Од Драмскиот театар во Скопје пак, велат дека засега немаат планови за изведба на дел од редовниот репертоар на отворено. Оттаму посочуваат дека опцијата театар на отворено е проблематичен потфат, кој мора да биде јасно прецизиран од Комисијата за заразни болести со протокол за одржување на настани на отворен простор.

Иван Јерчиќ, директорот на Народен театар Битола вели дека и во битолскиот театар сите работи ќе зависат од препораките и насоките.

„Секој чекор е ризик бидејќи и при подготовка за претстава треба да организирате голем број луѓе, настрана од собирот на публиката. Во моментов ги чекаме насоките, засега сме во неизвесност“ – изјави Јерчиќ.

Тој вели дека иако официјално не е откажано, сепак со сигурност ќе биде преместено одржувањето на „Битола Шекспир фестивал“ кој треба да се одржи кон крајот на јуни.

„Голема е веројатноста годинава фестивалот да биде презакажан за септември или, пак, за идната година. Доколку се одржи истиот, нема да биде од интернационален карактер“ – посочува директорот на Народен театар Битола.

Во Сараево, Босна и Херцеговина, веќе се размислува за идејата театарските претстави да се прикажат на отворено. Директорот на Народниот театар во Сараево, Изудин Бајровиќ вели дека нивните претпоставки водат кон тоа дека периодот до целосното отворање и враќање во театрите нема да трае долго, но сепак сакаат да го искористат преодниот период.

„Ова е начин на приближување на театарот до публиката, а воедно и негово популаризирање. Во детална анализа на оваа идеја сфативме дека со претставите на отворено би можеле да ја завршиме театарската сезона“ додава Бајровиќ.

Сцената ќе биде поставена на плоштадот „Сузан Сонтаг“, пред Народниот театар Сараево, а идејата е секој театар да изведе барем една од своите претстави.

Во Хрватска пак, народниот театар во Загреб ќе ги одржи своите програми пред зградата до средината на јуни, а театарот во Сплит е првиот што ќе ги отвори своите врати за јавноста. Предвидено е театарската програма на отворено да се одвива до крајот на јули, а во зависност од интересот на публиката, може да се повтори во август и септември.