Џафери: Се надеваме на што поскоро надминување на политичката криза во Бугарија

Сподели

 

“Убеден сум дека и на денешниот состанок ќе ги потврдиме заложбите на кои заеднички се обврзавме при нашата последна средба на Самитот организиран од Претседателот Сасоли, дека ќе работиме посветено на зајакнувањето и унапредувањето на нашите парламентарни демократии и нашата улога како институции за инклузивен меѓупартиски дијалог, на градењето консензус за клучните европски реформи и ќе придонесеме во помирувањето, мирот и стабилноста во регионот”, изјави Талат Џафери на Состанокот на спикери на парламенти од земјите на Западен Балкан.

 

 

“Свесни сме дека Европската унија во моментов се соочува со многу предизвици поврзани со реформирањето на институциите и идното функционирање, кои треба да ја направат посилна, поконкурентна и побезбедна во глобалниот свет. Како земја, веќе се изјаснивме во однос на методологијата за која сметаме дека ќе даде поголема политичка димензија на процесот, ќе го направи подинамичен, попредвидлив и поверодостоен и ќе има поголем кредибилитет, се разбира, доколку го почитува системот на заслуги и на исполнување на ветувањата дадени од европска страна до земјите кандидати за спроведените реформи.

Во тој контекст и со таа верба, во изминативе неколку години направивме серија реформи во делот на владеењето на правото, правосудството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, безбедносниот сектор и слободата на медиумите. Го надминавме долгогодишниот спор со Република Грција а претходно го потпишавме и Договорот со Република Бугарија. Овие државнички чекори немаше да бидат реалност, доколку немаше конструктивност и политички дијалог во Собранието, затоа што голем дел од потребните законски решенија налагаа обезбедување на двотретинско мнозинство. Сите парламентарни партии се обединија во нивното донесување, свесни за тежината и одговорноста што ја преземаат врз себе, меѓутоа, убедени дека на тој начин ја спроведуваат волјата на нашите граѓани, т.е. исполнување на реформите за влегување во следната фаза од процесот на интеграции, почетокот на преговорите до полноправното членство во Европската унија.

 

 

За жал, во моментов, новонаметнатиот спор со Република Бугарија, како политичари не става во незавидна позиција да бараме разумно објаснување за граѓаните дека има ново барање, кое не беше дел од претходните барања за одредување на датум за почеток на преговори, на кои посветено и неуморно работевме заради ветувањето дека по нивната реализација, ќе следи долгоочекуваниот датум за преговори. Вложуваме максимални напори, но со оглед на фактот што последните анкети и нашите директни контакти со граѓаните се обоени со голема доза на разочараност и неверување дека овој процес некогаш ќе има успешна завршница и дека постојано ќе има нови барања, ентузијазмот и кај граѓаните и кај политичарите може да спласне. 

Отворените прашања се решаваат само со взаемна доверба, меѓусебен дијалог, разбирање и почитување. Се надеваме на што поскоро надминување на политичката криза во Бугарија, изјави спикерот Талат Џафери.