Вести Магазин Наука и Технологија Свет Ударни вести

Фејсбук со нов проект: Виртуелни онлајн состаноци со колеги аватари

Сподели:

 

Фејсбук ја претстави својата нова апликација за виртуелна реалност „Horizon Workrooms“ која е изградена околу нивните сетови за виртуелна реалност „Oculus Quest 2“, пренесува Мета.мк. Апликацијата во основа ќе реплицира виртуелни состаноци во конференциска сала со колеги кои се претставени како аватари.

Отворената бета верзија на апликацијата е достапна за преземање на „Oculus Quest 2“ во оние земји каде Quest 2 се поддржани.

„Workrooms“ овозможува вклучување на 16 учесници со своите сетови за виртуелна реалност, како и на уште 34 корисници кои ќе можат да пристапат преку своите лаптопи без „Oculus Quest 2“. Тие ќе можат своите идеи да ги презентираат на заедничка табла, како и да гледаат и да споделуваат датотеки  и документи.

Оние корисници кои пристапуваат преку сетовите за виртуелна реалност ќе можат да ги користат нивните прсти и раце за време на дискусијата, па нивните аватари ќе го следат и прикажуваат истото движење на телото. Кога корисниците ќе зборуваат, аватарите ќе се прилагодат и ќе го имитираат нивниот говор. На апликацијата дури може да се забележи дека кога некоја личност зборува од одреден агол во салата, неговиот глас се слуша токму од таа насока.

Придружната десктоп апликација им овозможува на корисниците да емитуваат пренос во живо од нивниот екран директно на големата маса во конференциската сала. Големината на конференциската сала исто така може да се прилагодува, во зависност од бројот на присутни колеги на онлајн состанокот.

 

фото: Фејсбук

„Workrooms работи преку виртуелната реалност и преку Интернет, а е дизајнирана за да ја подобри способноста на вашиот тим да соработува, комуницира и да се поврзува од далечина, преку моќта на виртуелната реалност – без разлика дали тоа е за да се соберете и да дискутирате за некоја идеја, да работите на документ, да се дружите и социјализирате или едноставно да водите  подобри разговори кои течат поприродно“, велат од Фејсбук.

Фејсбук веќе шест месеци ја користи „Workrooms“ за внатрешни состаноци. На апликацијата треба уште многу да се работи за да се унапреди и да може да се користи глобално, но нејзината основа покажува во која насока ќе се развива Фејсбук и како ќе изгледа иднината со виртуелната реалност.

„Workrooms“ е дел од големиот проект наречен „Хоризонт“ кој Фејсбук го гради за својот бренд за виртуелна реалност „Oculus.“ Проектот се вклопува во широките амбиции на социјалната мрежа да ја поседува следната голема компјутерска платформа и да го изгради својот универзум наречен „метаверзум“, кој ќе биде спој на реалноста и виртуелноста.

И покрај тоа што се очекуваше „Хоризонт“ да стане широко достапен во 2020 година, засега не е познато кога точно ќе биде лансиран глобално.

 

фото: Фејсбук
Сподели: