Алтернатива Настани

Филмската комедија „МИРНО ЛЕТО“ во дигитална и онлајн проекција

Сподели:

 

Во петок, на 11 јуни, со почеток во 20.00 часот во летното кино на Кинотеката ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија: МИРНО ЛЕТО на режисерот Димитрие Османли, од 1961 година.
 
 
 
 
Петочната проекција на МИРНО ЛЕТО истовремено ќе биде пренесувана во живо („live streaming“), и ќе може да се следи на каналот „YouTube“, преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и веб-страницата на Кинотека (www.kinoteka.mk).
 
Пред и после филмот, за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век – кога МИРНО ЛЕТО ги полнеше кино-салите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во (тогаш) новоотворениот луксузен хотел „Палас“, и воопшто, беше репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели – ќе се погрижи реномираниот џез-вокалист Џон Илија Апелгрин ( @apelgrenjazz) со својот бенд со свој краток перформанс.
 
 
 
Дигитално реставрираниот МИРНО ЛЕТО ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, „дигитална премиера“.
 
Влезот на проекцијата во петок, на 11 јуни ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од „ковид-19“ остануваат на сила.
 
Оваа година навршуваат точно 6 децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Дара и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.
Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ @Season of classic films во кој учествува и Кинотеката, со двата класика ФРОСИНА и МИРНО ЛЕТО. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, што е една од основните активности на нашата институција, единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.
 

Целта на оваа иницијатива координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки – @AssociationdesCinemathequesEuropeennes ) – и е поддржана од програмата @MEDIA на Европската комисија – е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.

Сподели: