Интерпретациска обука за наследството и одржливиот туризам

Сподели

 

Во организација на Центарот за научно истражување и промоција на културата – ХАЕМУС во партнерство со Јуроп хаус Скопје, на 16.09.2023 ќе се одржи целодневна интерпретациска обука „Наследството како основа за одржлив развој на културниот и природниот туризам“. Настанот се организира во рамките на прославувањето на „Деновите на европското наследството“.
 

Еднодневната едукативна обука на учесниците ќе им открие како може да го подобрат своето знаење и вештините на креативна визуелизација и комуникација од областа на толкувањето на наследството и да создадат културно-туристички производи кои преку искуството на самите гости ќе придонесат за одржлив развој на локалните заедници! Интерпретацијата или толкувањето е моќна комуникациска алатка која се употребува за да се оплемени природното и културното наследство. Затоа е многу важно на кој начин се употребуваат алатките за толкување, бидејќи тие овозможуваат искуство кое луѓето ќе го паметат целиот свој живот.

Котизацијата за присуство на сeкој учесник во оваа високо квалификувана интерпретациска обука е покриено од страна на Europe House Skopje.

Обуката за интерпретација на наследството ќе ја води м-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС, сертифициран интерпретатор на наследство и национален координатор на Interpret Europe.
 
Организаторите на настанот апелираат сите субјекти од областа на природното и културното наследство да се вклучат со сопствен проект во прославата на „Деновите на европското наследство 2023″. Ова особено се однесува на граѓанските организации кои со учество во официјалната програма се стекнуваат со право да аплицираат за грант кој го доделува самата иницијатива.