Алтернатива Настани

ИЛИ-ИЛИ: Промоција на романот „Пештера“ од Максим Ристески

Сподели:

 

Во галерискиот простор на Културно информативниот центар (КИЦ), денеска со почеток во 19 часот и 19 минути, ќе се одржи промоција на романот „Пештера“ од Максим Ристески, издание на Или-Или.
 
Промотор ќе биде Владимир Мартиновски, кој во освртот кон книгата напиша:
„Иако напати добива одлика на жанровска (трилер и детективска) фабула, благодарение на сугестивните ликови и увидот во нивниот внатрешен свет, романот напати добива и одлики на психолошки роман, а особен белег на нарацијата и’ даваат многубројните дијалози меѓу ликовите, кои најчесто расправаат и дебатираат за улогата религијата, филозофијата и уметноста во денешниот свет, така што романот со својата флуидност и разновидност вешто им се отима на сите обиди за строго разграничување во жанровска смисла. Во романот е особено маркантен интертекстуалниот елемент, во кој во преден план се ставени судбините на протагонистите исправени пред крупни одлуки, а меѓу многубројните интертекстуални назнаки и алузии доминираат библиските. Оттука, би можеле да констатираме дека романот на Ристески во многу елементи е нестандарден и оригинален роман во современата македонска литература“.
 

Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист. Бил музичар, а продолжува да се занимава и со ликовна уметност. „Пештера“ му е прв роман, чиј зародок долго се формирал, но кога дошло вистинското време, го напишал во еден здив.

 

Сподели: